Македонија
„СДС е последен што има основа да зборува за животниот стандард на граѓаните, а Филипче и Заев, освен луксузирања со народни пари, не знаат ништо друго“, реагира ВМРО-ДПМНЕ
„СДС се последни кои имаат основ да зборуваат за животниот стандард на граѓаните. СДС за почеток треба да погледнат назназад седум години и да видат што направија за стандардот на граѓаните“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Богданка Кузеска.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само една година ги зголеми платите во повеќе области. Се зголемија платите во здравство, образование, социјала, полиција. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии.
Дополнително, постојано има мерки кои се во насока на подобар животен стандард. За граѓаните се спроведуваат следните мерки како училишна кошничка, велигденска, рамазанска, новогодишна и слично. Во меѓувреме се работи на решение со кое ќе се намали високиот профит на производителите, дистрибутерите, или решение кое ќе води до тоа граѓаните да плаќаат реални цени за производите.
Сето ова е проследено и со инвестиции, намалување на јавниот долг, исплаќање на редовни субвенции за земјоделците, со цена на струјата која не е покачена нити еден процент.
Што правеше СДС седум години? Инфлацијата беше високи 20 проценти, околу 600 илјади граѓани живееја со 150 денари на ден, , сметките за струја се зголемуваа, јавниот долг беше над 60 проценти, а инвестициите најавувани од Зоран Заев останаа само во неговата глава.
Како и да е Заев не ги реализираше инвестициите, ама затоа со другарот Венко Филипче кој го стави да ја води СДС во пропаст никако не пропуштаат луксузирања било викенд луксузирања или одмори. Освен луксузните викенди и одмори, си купуваат авиокомпании, градат низ светот и сето тоа со украдени пари од народот.
Оттука лицемерно е СДС да зборува за граѓаните кои никогаш не биле на дневен ред на Заев и Филипче, а камоли да бидат приоритет.
ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден поединец во државава!“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

