Македонија
Северна Македонија пристапува кон Сингапурската конвенција за медијација
Високи официјални претставници од повеќе од 50 земји утре ќе се сретнат во Сингапур за поддршка и потпишување на новиот меѓународен договор за медијација. Овластен потписник на Сингапурската конвенција, во име на Владата е министерката за правда, Рената Дескоска.
Како што наведуваат од Министерството за правда, потпишувањето на оваа конвенција е историски настан кој ќе донесе бројни придобивки за странските инвеститори и компаниите преку алтернативното, вонсудско разрешување на меѓународните трговски спорови.
Досега, спогодбите со коишто се решаваа меѓународните трговски спорови, а кои беа постигнати по пат на медијација – немаа заштитен механизам и гаранции за прекугранично спроведување. „Конвенцијата на Обединетите нации за Меѓународни договори за спогодување, што произлегуваат од медијацијата“, позната како Сингапурската конвенција за медијација, ќе обезбеди прекугранично спроведување и почитување на спогодбите постигнати по пат на медијација, ќе им овозможи на компаниите и меѓународните инвеститори поголема правна сигурност која ќе ја зголеми меѓународната трговија.
Конференцијата и церемонијата за потпишување за Сингапурската конвенција се во организација на Министерството за правда на Сингапур и Комисијата на Обединетите нации за меѓународно трговско право (UNCITRAL), и претставуваат дел од низата поврзани настани што ќе се одржат за време на Неделата на Конвенцијата во Сингапур од 2 до 8 август 2019 година. На конференцијата ќе се дискутираат теми поврзани со меѓународното трговско право и решавањето спорови, унапредувањето на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и иднината на меѓународното решавање спорови.
Министерката за правда ќе има учество и свое обраќање во рамки на тркалезната маса насловена како „Градење доверба, овозможување меѓународна трговија“. На оваа тркалезна маса, министрите и високите претставници ќе разговараат за тоа што можат да направат владите за градењето на довербата среде глобалните неизвесности, важноста на мултилатерализмот и меѓународното владеење на правото, како и придонесот на Сингапурската конвенција за медијација.
Конференцијата ќе ја отворат премиерот на Сингапур, Ли Сјен Лунг, и Стивен Матиас, помошник-генерален секретар за правни работи на ООН.
Конвенцијата беше усвоена со консензус во Генералното собрание на ООН на 20 декември 2018 година. Тоа ќе биде првиот договор на ООН што ќе го носи името по Сингапур. Листата на потписници говори за значајноста на оваа конвенција: САД, Кина, Јапонија, Турција, Индија, Швајцарија, Австралија, Иран, Катар и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

