Македонија
Северна Македонија – САД: Силно сме фокусирани на продлабочување на билатерално партнерство
Вчера во Вашингтон се одржа првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, и по тој повод Владите на двете земји објавија заедничка изјава во која се истакнува дека дијалогот е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.
Во заедничката изјава се потврдуваат силните односи меѓу нивните две земји и се радуваат на заедничко унапредување на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет.
Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ја истакнуваат нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина изборот за европска иднина и ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина.
Соединетите Американски Држави и Северна Македонија со оваа изјава ја потврдуваат посветеноста на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на регионот.
Соединетите Американски Држави ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата „Три мориња“.
Соединетите Американски Држави, се наведува во изјавата, со нетрпение очекуваа да ја поддржат работата на Северна Македонија со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.
Во однос на одбраната и безбедноста во заедничката изјава на САД и Северна Македонија ја истакнуваат стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност.
Соединетите Држави оддаваат признание за достигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината кибербезбедност и киберодбранбени капацитети.
Соединетите Американски Држави честитаа на развојот на центарот за воена обука Криволак во Северна Македонија за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО.
Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ја потврдија својата соработка во рамките на САД – Јадранската повелба (А5), и со нетрпение ја очекуваат тесната соработка за време на претстојното претседавање на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година.
На планот на енергијата и животната средина двете земји ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени.
САД и Северна Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.
Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, САД и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.
САД го истакнаа како особено значајно приклучувањето на Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот како полноправна членка во 2022 година.
Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на обврските од Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден.
Поздравен е интересот на Северна Македонија да стане земја партнер во Глобалната програма на САД за заштита на царинската и гранична безбедност.
Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и трговска соработка.
Во изјавата се посочува дека САД ја препознаваат Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок потенцијал за раст.
Северна Македонија и Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги искористат трговските потенцијали, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

