Македонија
Седум земји-членки на ЕУ гласале против отворање преговори со Северна Македонија
Седум земји членки на Европската Унија гласале против отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија на вчерашниот Совет на министрите за надворешни и европски работи што се одржа во Луксембург.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на „Твитер“ објави дека против отворање на преговорите гласале Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.
Дванаесет земји членки биле „за“ преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија. Другите, меѓу кои и Грција, биле воздржани, напиша Милошоски.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија вчера не се согласија за доделувањето датум за почеток на преговорите за Северна Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.
„Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот преспански договор, како и договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019 година“, се наведува во заклучокот на Советот за општи работи на Унијата.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на прес-конференција соопшти дека малку земји членки на Советот не ја поддржале чистата препорака на Европската комисија за доделување датум за преговори на денешниот состанок.
„За жал, малку земји членки не ја поддржаа чистата препорака на Комисијата за отворање преговори за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија“, рече Хан.
Додаде дека е уверен оти во октомври ќе има одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

