Македонија
„Секјуриком“ по протестите на вработените: Вложивме голем напор да исплатиме дел од мајската плата
„Секјуриком“ прави напори долгот кон вработените да биде исплатен во најкус можен рок, тврдат од компанијата по денешните протести на вработените кои се собраа пред дирекцијата поради неподмирените обврски од страна на фирмата.
Нивната реакција ја пренесуваме интегрално.
Во врска со денешниот текст објавен на Макфакс и А1он (на 6 јули 2018), сакаме да го искажеме нашиот став и да ја информираме јавноста со точни и релевантни информации.
Секјуриком веќе 18 години се грижи за 1.400 вработени и нивните семејства и сме во постојан контакт со нив. Секој од нашите вработени е навремено известен за ситуацијата во која се наоѓаме, за потезите кои ги преземаме и секојдневно ги известуваме за текот на работењето. Во текот на изминатата и оваа недела, дел од вработените беа на разговор со менаџментот и внимателно беа ислушани. Искрено сме благодарни на поголемиот дел кој наиде на разбирање за целата ситуација.
Исто така, сакаме да ја известиме јавноста дека и покрај ненавременото плаќање на побарувања за извршени услуги, вложивме голем напор денеска да исплатиме дел од мајската плата и правиме сѐ што е во наша моќ остатокот да биде исплатен во најбрз можен рок и нашите вработени да не трпат последици.
Во врска со обвинувањата за нередовната исплата на К-15, групацијата Секјуриком се погрижи за своите вработени да обезбеди и минимален регрес за годишен одмор и покрај тоа што според закон сме ослободени од такви давачки. Имено, наша приоритетна дејност е 81.29 останати услуги на чистење не спомнати на друго место, која е во групата IV/Л – административни и помошни услужни дејности кои се утврдени во националната класификација на дејности и според толкувањето на организацијата на работодавачите на РМ, која е потписник на општиот колективен договор за приватниот сектор во областа на стопанството НЕМА ОБВРСКА ДА ИСПЛАЌА на вработените регрес за годишен одмор. Без разлика на ситуацијата нашите вработени се нашето лице и максимално сме посветени на подобрување на нивните услови, напредок во работата и вреднување на нивниот труд. Ние ги почитуваме нашите вработени кои се столбот во оваа компанија. Затоа, во услови кога компанијата работела со минимална добивка (поради неподмирени побарувања), не го намаливме бројот на вработени (Секјуриком има 1.400 вработени), ниту пак им ги намаливме месечните примања и одлучивме да доделиме минимален износ од 2000 денари и покрај тоа што немаме обврска.
Во врска со обвинувањата пред извесен период, ние како компанија, ниту еднаш досега не сме влијаеле за некој тендер, ниту пак сме злоупотребиле било каква положба која сме ја имале со што би стекнале противправна имотна корист. Сите договори со клиентите и добиени тендери од државни институции се законски добиени, согласно законските прописи. Сите наши договори биле јавно достапни. Нашата работа е транспарентна и секогаш сме биле отворени за комуникација за секое прашање и информација.
Затоа, уште еднаш сакаме да ја информираме јавноста дека Секјуриком е компанија која работела и ќе работи согласно законската регулатива, притоа почитувајќи ги сите членови од договорите склучени со вработените, клиентите и партнерите. Продолжуваме да бидеме максимално посветени на нив, а притоа постојано работиме на зголемување на услугите кои ги нудиме и нивниот квалитет, овозможувајќи сигурност, безбедност и комфорт кај секој од нив со нашето работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

