Македонија
СЕММ во Битола ја одржа конференцијата на тема „Слобода на изразување, медиумски слободи и саморегулација“
Слободата на медиумите, слободата на изразувањето и саморегулацијата беа тема на денешната конференција што Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организираше во Битола.
„Само јавност која има критичка, а не манипулативна функциј, ќе помогне да се оцени каква е слободата на изразување и ќе ја оцени професионалната работа на медиумите. Во спротивно, секогаш ќе постои опасноста од политичка контрола и наместо будна јавност ќе имаме контролирани институции и медиуми, кои го контролираат и јавното мислење“, изјави извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, при отворањето на денешната конференција во Битола.
Според претседателката на СЕММ, Катерина Синадиновска, клучниот проблем во новинарството е неговата депрофесионализација. „Медиумите и фирмите што ‘глумат’ медиуми се наполнија со неквалитетен кадар, што ниту ги познава, ниту ги почитува новинарските стандарди, ниту, пак, ја живее новинарската мисија“, рече Синадиновска.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, за време на своето обраќање на конференцијата посочи дека слободните медиуми им даваат моќ на луѓето.
„Велиме дека новинарството е јавно добро, ајде да го докажеме тоа. Да ги покажеме нашите заложби за заштита на демократијата и за правата на граѓаните. Најдобриот одговор на сомнежите на граѓаните во однос на новинарите е преку промовирање на етичките насоки. Токму затоа е потребна саморегулацијата“, истакна генералниот секретар на Европската федерација на новинари.
Според универзитетскиот професор, Сефер Тахири, слободните медиуми служат на јавниот интерес, а не на интересот на властите, а тоа подразбира медиумите самите да ги избираат и одработуваат темите за кои известуваат, без притоа некој да им се меша во уредувачката политика.
„Слободните медиуми служат на граѓаните, а не на властите“, истакна за време на конференцијата извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски.
На денешниот настан, Советот за етика го промовираше и 16. издание на конкурсот на Европската Унија за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Градење доверба во несигурни времиња“, кој трае до 25 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Подобрениот ПВР процес е основа за поквалитетни закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес се обрати на дводневната работилница „Зајакнување на капацитетите за подобро управување на Проценката на влијанието на регулативата (ПВР) во Република Северна Македонија“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација со поддршка на СИГМА
На работилницата учествуваат државни службеници од сите ресорни министерства и релевантни институции, вклучително и координатори и заменици за ПВР, со цел да ги унапредат практичните и аналитичките вештини за управување со ПВР, како и да обезбедат повисок квалитет во подготовката на прописите.
Министерот Минчев во своето обраќање ја истакна важноста од континуираното јакнење на капацитетите на администрацијата и партнерството со меѓународните организации.
„Проценката на влијанието на регулативата претставува интегрален дел од подготовката на законите. Таа обезбедува почитување на начелата на добро владеење и ја поддржува определбата на Владата за квалитетни, образложени и на докази засновани политики. Во наредниот период ќе продолжиме интензивно да работиме на целосно почитување на постапката за ПВР, на јакнење на капацитетите на службениците, како и на подобрување на соработката меѓу министерствата, Владата и Собранието.“
Тој ја нагласи и значајната улога на СИГМА и Британската амбасада во унапредувањето на процесот.
„Нашата заедничка работа со СИГМА и Британската амбасада ни овозможува да ги примениме најдобрите европски практики и да изградиме стабилен систем за донесување политики засновани на докази.“
Најавувајќи конкретни мерки, министерот информираше дека од почетокот на следната година мислењата на Министерството за јавна администрација по Извештаите за ПВР ќе бидат јавно достапни на ЕНЕР, со што ќе се зголеми транспарентноста и довербата во законодавниот процес.
Работилницата, преку интерактивни сесии и практични вежби, има за цел да обезбеди сеопфатен преглед на актуелната методологија за ПВР, да идентификува клучни предизвици, како и да отвори дијалог за можни подобрувања, вклучително и проширување на опфатот на ПВР и унапредување на механизмите за контрола на квалитетот.
Министерството за јавна администрација останува посветено на унапредување на ПВР како едно од темелните средства за подобрување на квалитетот на законите, јакнење на институционалната одговорност и унапредување на доброто владеење.
Македонија
(Видео) Филипче: Нападот врз Инфомакас е почетокот, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја скрие вистината за мигрантите
-Синоќа се случи инцидент. Повиците за насилство, претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот медиумски инцидент после упадот во А1 телевизија во 2010 година, со физички напад во живо врз новинарите на Инфомакс, додека траеше програмата. Според информациите што ги добивме, напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека со ова јасно се гледа дека слободата на граѓаните и слободата на медиумите е загрозена и дека српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа со нападот на новинарите од Инфомакс.
Причините за ваквите напади, потенцираше Филипче, се поврзани и со прашањата за мигрантите:
„Повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија. И како што гледате, нема одговор! Одговорот е јасен: Мигранти во јуни во Македонија“ посочи Филипче.
Токму поради ова, како што рече, власта се обидува да се дефокусира јавноста од проблемот со мигрантите.
„Синоќешниот напад врз новинар и медиум е само почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи пред избори народот да дознае дека ја издале Македонија,“ рече претседателот на СДСМ.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

