Македонија
Се огласи антикорупциската комисија: „Продолжуваме редовно да функционираме“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се огласи по вклученоста на нивната претседателка, Татјана Димитровска, како осомничена во истрагата за случајот „Адитив“.
Од ДКСК велат дека во рамките на своите надлежности продолжуваат да функционираат редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.
„Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, се додава во соопштението на антикорупционерите.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов сончево и малку посвежо време

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 70км/ч.), информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена локална облачност и со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде сончево и малку посвежо со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер ( локално над 70км/ч.) кој ќе предизвика опаѓање на дневните температури за 4-6 степени во споредба со денешните.
Од понеделник дневните температури повторно ќе бидат во постепен пораст
Македонија
Мицкоски: Се воведува системот за е-фактура, а тоа значи крај за фантом фирмите

Се воведува системот за е-фактура, а тоа значи крај за фантом фирмите и лица кои испумпувале стотици милиони евра народни пари од Буџетот, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Оваа е-фактура како процедура ќе значи да нема фантом фирми коишто 90, 100, 200, 300 милиони евра ќе украдат од Буџетот и од Вас граѓаните, ако добро се применува и се работи во што немам сомневање, така што за да можеме попластично сето тоа да го разбереме можноста да ни се случуваат фантом фирми коишто ќе добиваат поврат на ДДВ и преку ноќ ќе бидат отуѓувани на фантом луѓе повеќе со овој начин на функционирање ќе биде тешко или речиси невозможно“, рече тој.
Мицкоски кажа дека овој процес почнал уште во 2015 година.
„Јас имам некоја меморија дека таму некаде 2015 година се започна овој процес, за нас од нејасни причини зошто тој беше континуирано, како да кажам беше одложуван, но сфативме после некои процеси коишто овој изминат период ги откривме и отвориме зошто бил одложуван. Еве конечно денес после повеќе од 10 години добива почеток и од она што го добивме на брифингот пред оваа прес-конференција е дека првиот кик оф, значи почнувањето со софтвер компанијата за имплементација ќе почнат 1 јули“, рече Мицкоски.
Македонија
ДУИ: Нема да дозволиме Албанците да бидат третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава

Демократската унија за интеграција го осудува најновиот пример на намерна и систематска дискриминација на Албанците во државните и јавните институции.
Само во еден случај, велат од партијата на Ахмети, во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, биле реализирани 19 унапредувања, од кои 18 за Македонци, 1 за Турчин, а ниту едно за Албанец.
Ова, додаваат од ДУИ, е јасен показател за етничка исклученост и повреда на уставниот принцип за правична и соодветна застапеност, како и доказ за континуитетот на дискриминаторските политики што ги спроведува оваа влада.
„Оваа влада секојдневно дејствува како режим на етничка изолација, претворајќи ги јавните институции во ѕидови за Албанците. Наместо еднаквост, се спроведува исклучувачки систем кој унапредува само етнички селектирани лица, ги игнорира албанските професионалци и им ја ускратува можноста за професионален и институционален напредок. Сè започна со неуставното укинување на балансерот од страна на Уставниот суд, со цел да се создадат услови Албанците да бидат третирани како непожелни во државната и јавната администрација“.
Упатуваат апел до сите институции за транспарентност и одговорност и порачуваат дека ДУИ нема да дозволи Албанците да бидат третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава.