Македонија
Се одбележуваат дваесет и три години од Охридскиот договор – власта и ДУИ на разни прослави

Дваесет и тригодишнината од потпишувањето на Охридскиот договор денеска ќе биде одбележана на два различни настани – едниот владин, другиот на ДУИ.
Владата ќе одржи свечена седница со почеток од 13 часот, на која е предвидено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.Ќе биде одржана и панел-дискусија во Клубот на пратениците, на организација на Министерството за животна средина и просторно планирање. Настанот на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик” ќе почне во 10 часот, а ќе продолжи вечерта со свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.
ДУИ организира одделен настан што ќе се одржи во 12:00 часот во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година, ставајќи крај на воениот конфликт. Договорот го потпишаа тогашниот претседател Борис Трајковски, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: 35 пожари низ државата во изминатото деноноќие – четири сè уште активни

Центарот за управување со кризи информира дека во изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 35 пожари на отворен простор низ државата. Од нив 4 се активни, 4 се под контрола, а 27 изгаснати.
Како што известија од ЦУК, активни се пожарите во:
Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с. Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Липково – с. Виштица (деградирана шума)
Под контрола се пожарите во:
Велес – с. Џидимирци – с. Крушје – с. Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Демир Хисар – градска депонија (депонија)
Македонски Брод – с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Изгаснати пожари се евидентирани низ Ранковце, Куманово, Липково, Кратово, Тетово, Свети Николе, Битола, Штип, Делчево, Скопје (Аеродром, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден), Росоман и други општини.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.