Македонија
Се одржа втората конференција „Родова еднаквост на работното место“
По повод Меѓународниот ден на еднаквите плати, се одржа конференција на тема „Родова еднаквост на работното место“, организирана од Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Конференцијата се организира со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).
Годинешната конференција со наслов „Родова еднаквост на работното место“ ја следеше мисијата на Алијансата за родова еднаквост и се зборуваше за еднакви можности, еднаква застапеност без дискриминација и еднакво вреднување на трудот на жените и мажите. Беа споделени податоци, кои говорат дека сè уште сме далеку од постигнување родова еднаквост на работното место, но се дискутира и за мерки и политики, кои се преземаат, како и за предлози за постигнување прогрес на ова значајно прашање. Дополнително, преку споделување добри практики и претставување компаниски рол-модели, конференцијата го поддржа активното вклучување на компаниите во промовирањето на еднаквиот статус на жените и мажите на работното место и во општеството.
Конференцијата официјално ја отвори Нина Ангеловска, претседателка на ГЕА: „Предизвикот на родовата нееднаквост постои, родовиот јаз постои на многу основи и неопходно е да се адресира бидејќи еднаквите можности, еднаквоста на пазарот на трудот на мажите и жените и можноста да дадат еднаков придонес ја прави економијата подинамична, посилна и поотпорна, а придонесува и за поголем економски раст. Оваа конференција е посветена на Меѓународниот ден на еднаквите плати (18 Септември), а меѓународните денови постоеле и пред основањето на Обединетите нации, но се прифатени од ОН како моќна алатка за адресирање одредени предизвици и се повод за едукација на јавноста за прашања од интерес, за мобилизирање ресурси и застапување пред политичките претставници со цел нивно решавање. Иако се работи за глобални предизвици, со одбележување на овие меѓународни денови во рамките на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА се обидуваме локално да придонесеме и дејствуваме“.
Свое поздравно обраќање имаше и г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Република Северна Македонија: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Ова е првата реченица во првиот член на Универзалната декларација за човековите права, што беше усвоена пред 75 години. Фактите зборуваат дека и 75 години по усвојувањето на Декларацијата, родовиот јаз во платите сè уште постои, вклучително и кај нас исто така. И покрај тоа што жените стекнуваат квалитетно образование, сè уште жените се соочуваат со родово базирана дискриминација не само при вработувањето туку и при кариерното унапредување и уште повеќе кон праведното вреднување на нивниот труд. Иронијата е што ефектите не ги чувствуваат само жените, туку и целата македонска економија. Нееднаквоста ги маргинализира и ги демотивира жените, а со тоа ја лишува економијата од нивниот креативен потенцијал“.
Во рамките на настанот беа организирани три панел-дискусии со претставници од бизнис-секторот, засегнатите институции, како и претставници од домашни и меѓународни организации. На панел-дискусиите се разговараше за најдобрите практики, кои овозможуваат еднакви услови за професионален развој на жените и мажите во работната средина, намалување на родовиот јаз во платите, како и препораки насочени кон економското јакнење на жените. На конференцијата како панелист говореше и министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Кристина Хаџи-Василева, која е извршна директорка на Консалтинг за стратешки развој и воедно панелистка на конференцијата, ги претстави можностите за поддршка на иницијативите и активностите за економско јакнење на жените преку проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ и изјави: „Деловните здруженија имаат значајна улога во јакнење на микро, малите и средните претпријатија вклучувајќи го и аспектот на родова еднаквост на работно место. Преку грантовите што ќе се доделат во рамките на проектот, ќе биде поддржано воведување политики, процедури и стандарди, кои ќе овозможат поголемо вклучување на жените на пазарот на труд во секторите во кои доминираат мажите. Ова ќе придонесе за поголемо економско јакнење на жените и родово балансирана работна сила“.
На конференцијата, покрај говорниците, учествуваа и 100-ина гости, меѓу кои и членови на Ссветот на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, членови на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, соработници, партнери, поддржувачи на ГЕА и АЕТМ и претставници од бизнис-секторот, кои имаа можност да споделат позитивни примери поврзани со најдобрите практики за постигнување родова еднаквост на работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.