Македонија
Се очекува и утре да вее снег – прогноза за времето до крајот на неделата

Времето до крајот на денот ќе биде облачно со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Ќе има услови за појава на голомразица и снежни наноси.
Утре не’ очекува променливо облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 5 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во четврток претпладне ќе се задржи претежно облачно и студено време со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.Попладне насекаде врнежите ќе престануваат. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во петок и за време на викендот ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури во текот на целиот период насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштаат и под -10 степени. По некои котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Санкционирани 𝟣𝟧𝟦 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар минатата недела

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 09.06. до 15.06.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 154 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
„За аудито на Филипче од 130 000 евра повластен третман, за автомобилите на Мирчевски кривичен прогон“, ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да отвори постапка

„ЈО е селективно во однос на постапките за аудито од 130 000 евра поклон на Венко Филипче од фирмата Зобек мининг груп која пак добила тендер за набавка на јаглен за ЕСМ, а за ист случај веќе има отворено постапка за Пеце Мирчевски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сопственикот на Зобек Мининг фирмата која го купува возилото за Филипче за медиумите самиот потврдува дека тој го зема џипот на лизинг и подоцна му го дава на Филипче, а и денес е во негова сопственост.
Сомнежи постојат бидејќи фирмата Зобек Мининг добивала државни тендери од ЕСМ за набавка за јаглен во милионски износи.
Идентичен е случајот со Пеце Мирчевски директор на СОЗР во време на СДС за кого ЈО отвори постапка и го гони, бидејќи фирма добитник на државни тендери му дала две возила.
Идентичен случај различен третман од ЈО. Со што ги уценува Филипче што ЈО не постапува? Мирчевски е обвинет за несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик, за Филипче нема постапка.
Jавноста со право сака да знае зошто нема брз, навремен и ефикасен институционален одговор. Дали Филипче има повластен трертман само затоа што е функционер и претседател на СДС?
Јавноста очекува превземање чекори и активност како и поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата и случаи на кривични дела сторени од високи функционери.
ЈО да не ги става работите „под тепих“ особено бидејќи е потребно целосно чистење на криминалот и корупцијата, бидејќи недовербата што постои во судските органи не дозволува половични решенија. Граѓаните очекуваат правда и владеење на правото. ЈО да отвори постапка за Венко Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Улицата Дебарца наскоро со нов лик за побезбедно движење

Реконструкцијата на улицата Дебарца во Општина Центар влегува во завршна фаза. Поставен нов асфалтен слој на коловозот, а во тек е финалното уредување и прилагодување на тротоарите.
„Сообраќајот на Дебарца ќе се врати во нормала многу скоро. Улицата добива нов лик, а со тоа овозможуваме побезбедно и покомотно движење за сите што живеат и се движат тука,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Се работи за потег долг 220 метри, каде што е обновена коловозна површина од 1.700 квадратни метри, а тротоарот се реконструира на површина од 1.000 квадратни метри.
Овој зафат е дел од поширокиот проект за унапредување на уличната инфраструктура во Центар, кој се реализира со поддршка од Владата во износ од 40 милиони денари, распределени за улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“.
Општина Центар продолжува со реализација на проекти што го унапредуваат секојдневието и го прават просторот пофункционален и поурбан за сите граѓани, соопшти Општината.