Македонија
Се прават сите проверки на мостот „Беласица“ за кога ќе се пушти никој да не биде загрозен, вели Арсовска
Град Скопје ги врши потребните проверки на мостот „Беласица“ изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, укажувајќи дека Градот мора да се осигура дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој.
Таа денес присуствуваше на настан по повод Денот на пожарникарите и да им се заблагодари за експресната реакција при пожарот на мостот „Беласица“ со што спречија поголема материјална штета и негово проширување.
„Службите на Градот Скопје и лично јас уште од првата вечер сме на терен на увид во настаната штета при пожарот. Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој. Напоменувам дека заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги превзема сите потребни проверки со цел да бидеме сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот ‘Беласица’“, рече Арсовска.
Апелираше до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот Беласица како што тоа го прави Градот Скопје со цел да се дојде до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.
Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.

