Македонија
Се реконструира улицата Никола Карев, кај Железничка

На улицата Никола Карев од денеска се изведуваат градежни работи за реконструкција на нејзиниот коловоз. Екипите на Град Скопје во наредниот месец ќе работат на потегот од крстосницата со улицата Трета македонска бригада до булеварот Кузман Јосифовски Питу, на должина од 510 метри. Освен обнова на коловозот, градежните работи ќе опфатат и реконструкција на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници.
„По изградбата на улицата Есенинова, која ја започнавме минатата недела, и со реконструкцијата на улицата Никола Карев жителите на општините Центар, Аеродром, Кисела вода и Гази Баба побрзо и полесно ќе стигнуваат до саканата дестинација. На тој начин, движењето од Кисела Вода до Гази Баба ќе биде скратено за нешто повеќе од 10-ина минути“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Дополнително, на улицата Никола Карев се предвидени и велосипедски патеки од двете страни, со што ќе се поврзат двете главни велосипедски рути на булеварот Кузман Јосифовски Питу и булеварот Трета македонска бригада, кои ги поврзуваат општините Центар и Аеродром.
За реконструкција на улицата Никола Карев ќе се вложат околу 15 милиони денари, а рокот на изведба е 30 дена.
Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат реконструкциите и целосно да го почитуваат привремениот сообраќаен режим кој гарантира максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот. Тој изрази уверување дека оваа улица, како и другите, ќе биде завршена и порано од предвидениот рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.