Македонија
Се тестира лице дојдено од Германија, кај тројца од заразените состојбата е отежната
Од вкупно деветмина пациенти кои во земјава се заразени со коронавирус, шест се во стабилна состојба, a кај тројца состојбата е отежната, бидејќи станува збор за возрасни лица над 65 години, истакна на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, и додаде дека иако кај овие случаи има отежнато дишење, сепак, засега нема потреба од механички третман.
Тој објави дека утрово е јавен еден пациент дојден од Германија кој се тестира.
„Пациентот кој на 7 март е дојден од Германија, утрово качил висока температура“, појасни Филипче, кој исто така информираше дека вчера е назначена нова директорка на Клиниката за дерматовенерологија.
Министерот посочи дека очекувано е да се прогласи пандемија на светско ниво, но нема генерални препораки за секоја земја. Сепак, министерството во консултација со СЗО ги дава мерките за домашното население.
„Утрово на редовниот состанок се разгледани низа мерки на Владата, имавме разговори со колеги од Италија, кои ни укажаа дека по воведувањето на ригорозните мерки заразата не се шири, ова ни укажува дека треба да бидеме порадикални и на денешната седница ќе ги разгледаме мерките“, кажа министерот, кој соопшти и за новата забрана кафетериите и рестораните да работат до 18 часот и тоа со преполовен капацитет.
Исто така се воведува забрана за сите јавни и приватни собири без разлика на бројката на учесници, а се затвораат и сите киносали, театри, обложувачници, казина, вежбалници и сл.
Филипче посочи дека клиниките ќе работат само за итни случаи, а редовните терапии за хронично болните ќе можат да се земаат на матичен доктор.
„Верските заедници ќе мора строго да се придржуваат до мерките и да нема собири“, нагласи министерот.
Додаде дека имало и информација според која поради заразените се создала паника во Дебар, но провериле и тоа се покажало неточно. Сепак, засилен е бројот на епидемиолозите на терен.
Министерот повика на јавна свест кај луѓето, за, како што рече, да не дојдеме во ситуација како во Италија, каде има полициски час и луѓето не смеат да излезат од дома без придружба на полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

