Македонија
Се’ уште се активни пожарите кај Демир Хисар и Пробиштип, во Македонски Брод испратен е тимот од Унгарија
Претпладнево активни се шест пожари на отворено и шумски пожари, информираа од Центарот за управување со кризи.
„1. Општина ДЕМИР ХИСАР: врз пожарот на Илинска Планина дејствуваме со концетриран напад од 5 ер трактори (1 на ДЗС, 2 германски и 2 шведски). На тешко пристапниот терен на земја гаснат локални пожарникари со подршка на месно население.
2. Општина МАКЕДОНСКИ БРОД: с.Тажево – с.Брезница – крак кон Јасен. Овде го упативме тимот од Унгарија составен од 46 лица со специјални теренски возила и опрема а заедно со нив ќе гаснат и 50 припадници на Армијата и 20 локални пожарникари.
3. Општина ПРОБИШТИП 1: с.Зелениград – с.Јамиште. Денес овој пожар го гаснеме со концетриран напад со 8 хеликоптери. Четири од нив гаснат од рано наутро (1 полициски, 2 Армиски и 1 српски) а останатите 4 полетаа пред малку (2 унгарски, 1 словенечки и 1 чешки. На тешко пристапниот планински терен гаснат локални пожарникари со подршка на 30 припадници на Армијата.
4. Општина ПРОБИШТИП 2: Во атарот на с.Стрисовци на земја гаснат 35 припадници на Армијата, 10 локални пожарникари како и вработени од Рудник Булмак, ЈКП, ДЗС доброволци од месното население. Од воздух им помага 1 хеликоптер од Чешка.
5. Општина ПЛАСНИЦА: с.Пласница – с.Латово, Македонски Брод, гори трева, грмушки и нискостеблести растенија. Во гаснењето учествуваат локални пожарникари и тим од Национални Шуми.
6. Општина ПЕХЧЕВО: с.Негрево, (10 припадници на ДЗС и 15 припадници на Армијата работат на целосно догаснување на пожарот кој сеуште има внатрешно горење но од вчера е под целосна контрола“, велат од ЦУК.
Како што додаваат, планот во зависност од состојбата на терен како и состојбата на воздухопловите може да претрпи измени во било кој момент.
„Наш приоритет секогаш е безбедноста на луѓето (“сејфти фрст”), веднаш потоа населените места а потоа и зимзелена шума. Рано утрово се одржа брифинг со пилотите на воздухопловите од странство на кој тие беа запознати со активните пожари врз кои треба да дејствуваат во текот на денот“, вели деректорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Центарот за управување со кризи и Главниот штаб за управување со кризи на сите македонски граѓани им го честитаат денот на Републиката, Илинден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

