Македонија
СЗО донира три биосејфти-кабинети за Институтот по судска медицина и Институтот за микробиологија
Министерот за здравство д-р, Венко Филипче, шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Северна Македонија, Џихан Тавилах, и деканката на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска, денеска беа во посета на Институтот за судска медицина по повод донација на биосејфти-кабинети од СЗО.
Филипче истакна дека Светската здравствена организација се покажа како еден од најсериозните и најголеми партнери од почетокот на ковид-кризата, како и во претходниот период на други полиња на соработка.
„Денешната донација се состои од три биосејфти-кабинети. Два кабинета се наменети за Институтот за микробиологија и еден за Институтот за судска медицина. Ова е една значајна поддршка за Медицинскиот факултет, со што се одделува работата од форензиката со делот на дијагностика на коронавирусот, нешто што е многу значајно посебно за работата на Институтот за судска медицина“, потенцираше Филипче и додаде дека ова претставува зајакнување на дијагностичките, лабораториските капацитети во делот на идентификување на коронавирусот на Медицинскиот факултет во Скопје.
Шефицата на канцеларијата на Светската здравствена организација во земјава, Џихан Тавилах, истакна дека СЗО има блиска соработка со Министерството за здравство во соодветниот одговор на кризата на ниво на целата земја.
Деканката на Медицински факултет, проф. д-р Топузовска, појасни дека се работи за три кабинети со високо ниво на заштита, еден автоматски екстрактор за изолација на вирусна РНК, како и реагенси за три илјади анализи.
„Оваа опрема ќе овозможи лабораториите на Институтот за судска медицина и на Институтот за микробиологија да го зголемат својот капацитет. Односно, бројот на анализи за детекција на Ковид-19 на дневна основа. Овие кабинети ќе овозможат високо ниво на заштита на вработените. Опремата во иднина ќе се користи и за други анализи. Со тоа се зголемува капацитетот на Медицинскиот факултет за молекуларната дијагностика“, посочи деканката проф. д-р Топузовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

