Македонија
Силјановска-Давкова: Се обврзуваме на поддршка на македонските лингвисти и зачувување на македонскиот јазик
Носителот на Изборната единица 1 на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Гордана Силјановска-Давкова, денес присуствуваше на промоција на книгата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ пред платото на МАНУ.
На промоцијата Силјановска-Давкова им даде поддршка на македонските лингвисти кои се обединуваат за да дадат вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика.
„Денес, присуствував на промоција на четири капитални изданија за македонскиот јазик на платото пред МАНУ. Делата деновиве излегоа од печат на иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Мисирков, Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ и Советот за македонски јазик. Треба да ги подржиме македонските лингвисти, кои се обединуваат за да дадат вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика. Конески нè учеше дека јазикот е нашата татковина. Тоа е целиот идентитет во еден крик, во една мелодија. Со обнова за Македонија ќе го зачуваме“, истакна Силјановска.
Силјановска на промоцијата додаде дека таа и ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат на зачувување и развој на културата, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Исто така, истакна де се обврзуваат на поддршка на македонските лингвисти и зачувување на македонскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Молкот на Филипче за „Жан Митрев“ е доказ за заробено здравство
СДС во текот на седумгодишното владеење не функционирала како политичка партија, туку како мрежа на поединци кои ги користеле институциите за остварување лични бизнис интереси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај Венко Филипче може да се забележи целосно отсуство на било каква загриженост за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“ и обидите преку финансиски притисоци, уцени и спогодби да се изврши преземање на болницата, со ветувања за влијание врз судски постапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, на сопственикот на болницата му било сугерирано дека ќе биде ослободен од обвиненијата во судскиот процес што тогаш се водел против него, доколку Филипче ја преземе болницата на, како што наведуваат, „легален начин“, со оглед на тоа што значителен дел од буџетските средства завршувале токму таму, што, според ВМРО-ДПМНЕ, можеби било подготвувано како иден профитабилен бизнис.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека доколку Филипче навистина се грижел за интересите на граѓаните и за ресорот кој го водел, немало да се случат скандалите со Онкологија, модуларната болница во Тетово, недостигот на вакцини за време на ковид-пандемијата, како и низа други афери со кои, како што велат, тој е директно поврзан.
„Кога станува збор за влијанијата во судските постапки, имајќи предвид дека мрежата на Заев како тогашен премиер беше целосно инсталирана во судството, логично е да се постави прашањето колку случаи не завршиле со пресуда согласно законот, туку со амин од Заев“, велат од партијата, додавајќи дека токму тоа можеби е причината зошто ниту еден функционер на СДС не се плаши од истраги и одговорност.
Во соопштението се наведува и дека за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“, за кој јавно говорел и сопственикот на национална телевизија, Филипче нема одговор, но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на партискиот конгрес се обидел да спинува сè што актуелната власт прави и да се претстави како спасител, иако токму тој е, според нив, причината за состојбата во која се наоѓа здравството.
„Јавното обвинителство има обврска да ги испита сите индиции за изнуда и сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
АХВ за една година спровела над 125 илјади контроли и наплатила 618 илјади евра
Над 125 илјади инспекциски контроли од областа на безбедноста на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните, спроведоа минатата година официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, соопшти денеска АХВ.
Покрај домашниот промет, предмет на контролите биле и производството, дистрибуцијата, угостителството, но и увозот и извозот. Акцент со контролите бил ставен на имплементирањето и одржувањето на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса и НАССР системот за безбедност на храната, како и соодветното означување на храната, мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојба на животните.
-Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше согласно категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани како оператори со низок ризик. Во 2025 година од вкупниот број, реализирани се вкупно 47.200 контроли во внатрешниот промет, во рамки на редовните и вонредните инспекциски надзори, при што беа издадени 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави, изречени беа 1.073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Поднесени беа и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, нагласува АХВ.
Во рамки на овие контроли, одземена и нештетено уништена била небезбедна храна (месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци) во вкупна количина од 355 377 килограми. Вкупната сума на изречени парични казни во 2025 година изнесува 618 илјади евра во денарска противвредност.
Дополнително, инспекциските служби на Агенцијата спровеле 78 016 контроли на увозните пратки и пратките кои транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни. Како небезбедни уништени биле 8 пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785 килограми, а една пратка била вратена во земјата извозник.
Како небезбедни во рамки на овие контроли уништени биле три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22 061 килограми. Во истиот временски период како небезбедни вратени биле 16 пратки со храна од животинско потекло.
Македонија
Денес може да се дарува крв во чест на хуманоста на Тоше Проески
Во рамките на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на град Скопје и оваа година ќе се реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого, како што наведуваат оттаму и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.
Акцијата ќе се одржи во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот, а во нејзина организација се вклучува Општинскта организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.

-Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, а особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознава позитивен пример, се наведува во соопштението.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв, при што, како што се додава во соопштението, особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што Тоше ги пренесуваше.
-Доброволното крводарителство во Република Северна Македонија има една јасна и благородна цел – да се мотивираат што поголем број граѓани доброволно да даруваат крв, со што ќе се обезбедат неопходните количини крв и крвни продукти за навремено и успешно лекување на болните и повредените. Крводарителството ги негува вредностите на хуманост и солидарност, особено кај младите, и придонесува за подигнување на здравствената култура и јавната свест. Крвта, како лек, сè уште е незаменлива и нејзиното обезбедување зависи исклучиво од хуманоста и добрата волја на крводарителите, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв. Затоа, мотивирањето и вклучувањето на населението во вакви акции е од исклучително значење за градење позитивен однос кон крводарувањето и за спасување човечки животи, додаваат од Црвен крст.
Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба ги повикуваат сите хумани граѓани да земат учество во оваа крводарителска акција и како што велат, заедно, во духот на Тоше Проески, да покажеме дека хуманоста живее.

