Македонија
Симболично отворен Малиот битолски Монмартр – без гости и без детски џагор
Како никогаш досега, плоштадот пред Малиот битолски Mонмартр во Старата битолска чаршија, остана без смеата и дружбата на децата учесници од целиот свет, на денот на отворањето 24 мај, на оваа, надалеку позната детска ликовна манифестација.
39-тото издание на Малиот битолски Монмартр се отвори скромно, без учесници, но со препознатливиот белег-музиката од Тоше и желбите, следното, јубилејно 40-то издание, да биде повторно полно со деца.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, ја додели годинешната Гран-при награда на фестивалот, наменета за 17 годишната Мариа Дума од Букурешт,која наместо лично, му беше дадена на почесниот конзул на Романија во Битола, Александру Мамакис.
„По 39 пат го одбележуваме Малиот битолски Монмартр, манифестација која е исклучително значајна за нашиот град, манифестација која што ја отвора Битола кон светот, меѓутоа и светот го носи во Битола. Бројот на цртежи кои што пристигнаа годинава, покажува дека така било и во изминатите години. За жал, годинава ќе го немаме џагорот на децата низ нашите сокаци, меѓутоа она што го имаме се нивните насмевки, нивната душа и дел од нивните срца во нивните цртежи, за што им сме бескрајно благодарни. Во оваа прилика, сакам да се обратам и до чичко Коста, в’година ни доаѓаат 40 години од Малиот битолски Монмартр. Она што како град му го должиме е да го одбележиме достојно, величенствено, онака како што доликува и се надевам дека околностите нема да се како сегашните, за да можеме со една свечена манифестација да оставиме траг и белег на 40 годишнината која што наближува. Како град му должиме и во годините кои што следуваат, да ја негуваме оваа манифетација, затоа што е навистина траен белег за Битола и за битолчани“, рече градоначалничката Петровска.
Елена Хаџиантоновска, ќерката на Коста Хаџиантовски, идејниот творец на Малиот битолски Монмартр, кој годинава не беше дел од манифестацијата поради здравствени причини, истакна дека е жално што по прв пат од основањето пред 39 години, се одржува без детските ликовни творци.

„Битолските улици нема да бидат насликани, градот нема да биде преполн со деца и затоа на овој ден се доделува само Гран при наградата. Годинава пристигнаа над 15.000 творби од целиот свет. Од сите пристигнати, изложивме 717 најдобри цртежи“, рече Хаџиантоновска.
Почесниот конзул Акександру Мамакис, примајќи ја наградата Гран при, изрази голема благодарност до Малиот битолски Монмартр, а на градоначалничката Петровска и врачи монографија која што е работена со помош на амбасадата на Романија и почесниот конзулат во Битола, поврзана со влашкото население во Битола и во потпелистерските села.
Симболично, со вивнување на балоните кон небото, децата од Малиот битолски монмартр, заедно со градоначалничката, испратија желби за поубаво утре, со многу повеќе детски насмевки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

