Македонија
Симев: Холокаустот на Македонците од Беломорска Македонија не треба никогаш да се заборави
Партијата „Единствена Македонија“ денеска одржа прес-конференција во врска со иницијативата до Владата за чествување и на македонскиот холокауст врз 32.000 македонски деца од Беломорска Македонија во 1948 година.
На прес-конференцијата се обрати членот на Извршниот комитет на „Единствена Македонија“, Вангел Симев, кој рече:
Вчера под покровителство на Зоран Заев беше одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна. „Единствена Македонија“ и македонскиот народ сочувствуваат со трагедијата на депортираните 7.144 македонски Евреи, впрочем како и со трагедиите на другите народи.
Меѓутоа, голем срам за една нација е да не си ја знае својата поблиска историја, која низ годините се прикривала. Вината може да се лоцира во погрешно водената политика и во системот на образование. Во оваа, 2018, година се навршуваат точно 70 години од големиот прогон на македонските деца прогонети од Беломорска Македонија од грчката монархистичко-фашистичка власт.
Должност на Македонија како држава е да се грижи покрај холокаустот на македонските Евреи и за холокаустот на Македонците од Беломорска Македонија. Со одбележувaњето на овој ден постојано ќе се потсетуваме дека околу 32.000 македонски деца од 2 до 14 год. и околу 100.000 возрасни засекогаш се прогонети од своите вековни огништа. Потсетувањето е можност да не заборавиме за тоа што ни се случило, за да не ни се повторуваат грешките.
Кога го спомнувам геноцидот на прогонетите деца од 1948 година не можам а да не кажам дека и јас сум дел од тој прогон. Како дете на 4-годишна возраст со моите родители бевме принудени гладни, неспани и истоштени да бегаме од непријателските бомбардирања со авиони и топови. Грчкиот бес беше премногу суров и вршеше масовни убиства, до темел ги уништуваше и палеше нашите македонски куќи со цел бркање од вековните огништа на голоракото македонско население. Бегањето беше во вечерните часови, преку планини за да не бидеме забележани од непријателот. Покрај сè, јас бев меѓу најсреќните деца од мојата генерација на Беломорска Македонија затоа што растев со своите родители, а многу деца таа среќа ја немаа. Многу родители на прогонетите деца не успеаја повторно да си ги видат своите огништа, а многу од нив порачуваа да им се донесе грутка земја од родниот крај.
„Единствена Македонија“ иницира до македонската влада официјално чествување на прогонот на децата бегалци како еден од најтажните настани во поновата македонска историја.
Таканаречената граѓанска војна имаше геополитичка стратешка цел за трајно искоренување и етничко чистење на Македоците од вековните огништа. Таквата стратегиска цел беше спроведувана од вооружените сили на грчката влада поддржувана од страна на Велика Британија и САД.
Грците по Балканските војни ќе го искажат нивниот вечен став, кој гласи: каде сме ние нема место за други. Ваквиот грчки став кон македонскиот народ се спроведува повеќе од 100 години. Започнатата политика на Грција за систематско уништување на македонските корени, бришење на македонското име и идентитет сè уште се спроведуват, со благослов на „нашите стратешки партнери ЕУ и САД”. Разликата меѓу холокаустот на еврејскиот народ и на македонскиот народ е во тоа што еврејскиот е завршен пред 75 години, а македонскиот сè уште трае. Во Македонија холокаустот ќе заврши откако ќе се обезличи Македонија со менување на името, идентитетот и јазикот.
„Единствена Македонија“ има стратешки план како тоа да се спречи, истакна во своето обраќање Симев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплавени куќи во селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај
Во тек се активности за санирање на последиците кај поплавени куќи кај селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај.
– Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури, информира ЦУК во објава на Фејсбук.
Оттаму наведуваат дека директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, се на терен каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.
– Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира, велат од ЦУК.
Како што соопшти претходно ЦУК, по обилните дождови во изминатото деноноќие, поплавени се повеќе куќи на улица „Прилепска“ во Кичево, од каде евакуирани се 180 лица, како и дека во поплавена куќа во гостиварското село Балиндол биле заглавени две деца и нивната мајка. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, како и поплавени куќи во гостварските населби Циглана и Бањечница и подруми и дворни места во Скопско.
Македонија
Во Гостивар две деца и нивната мајка останаа заробени во домот поради поплавите
Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите.
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.
Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Македонија
Десет возачи лишени од слобода за возење без дозвола, со забрана и под алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата вчера лишија од слобода десет возачи, од кои осуммина поради возење без возачка дозвола, двајца поради управување со возило со активна мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и еден поради возење под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека двајца возачи се лишени од слобода во Тетово, а по еден во Куманово, Битола, Свети Николе, Штип и Кочани поради управување возило без возачка дозвола. По еден возач во Велес и Свети Николе управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во гевгелиско управувал возило под дејство на алкохол, се наведува во соопштението.
Додаваат дека лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесат за побезбеден сообраќај.

