Македонија
Синдикат на култура: Преседан во културата, министерот Љутков повторно против колективните договори
Министерот за туризам, „културно“, но доста ехидно и веќе видено (за Велигден), сега им ја честиташе Новата година и божиќните празници на вработените во културата со честитка во форма на „Упатство“, со кое ПОВТОРНО се обидува да го поништи она што судот веќе јасно и недвосмислено го утврди: дека платите во културата мора да се зголемат согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор, односно за 10% од основната бруто плата утврдена со Колективниот договор за културата, велат од Синдикатот на културата (СКРМ).
Според нив, наместо да спроведе судска пресуда, министерот самоволно и тврдоглаво, незнајно од кои причини, повторно ја воведува истата незаконита формула – т.н. „разлика меѓу август и септември 2023“, формула која, како што велат, судот експлицитно ја прогласи за спротивна на Општиот колективен договор и на утврдените права на вработените.
Со ваквото дрско и свесно постапување, велат од Синдикатот, кое претставува морална недоличност со умисла, преку одбивање да се постапува по службена должност и преку непочитување на универзалните начела на правото, господинот министер не само што ги пречекорува своите овластувања, туку се поставува над судот, над колективните договори и над законите.
„Ова е директно кршење на владеењето на правото, создавање правна несигурност и грубо мешање во веќе утврдени работнички права. Ова не е „упатство“, туку обид за поништување на правниот поредок во културата. Не станува збор за никаква „административна грешка“, туку за свесно и јавно кршење на колективните договори, самоволно редефинирање на платите и демонстрација дека господинот министер си зема за право да ИЗМИСЛУВА права, наместо да ги спроведува. Ова „упатство“ е срочено без ИССО стандарди, нема кој го составил и кој го одобрил, потписот на министерот е осамен – како министерот сам да го срочил – затоа што е јасно: никој што ги познава законите не сака да стави потпис на ваков противзаконски документ. Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак, а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека СКРМ нема да дозволи платите во културата да се пресметуваат по „министерска математика“, наместо согласно закон и колективни договори.
„Повторно ќе ги преземеме сите расположливи правни механизми – од управни спорови, до иницирање постапки за утврдување кривична одговорност – со цел да се запре ова самоволие и да се заштитат правата на вработените во културата, кои добро знаат колку трнлив беше патот до склучување на Колективниот договор, на кој очигледно министерот заборави откако стана дел од извршната власт. Кога извршната власт се поставува над судската, во случајов – Вие, господине министре – тоа не е чин на управување, туку чин на узурпација на воспоставените и договорени норми и правила кон кои, барем декларативно, и самите се стремите. Или не? Дали премиерот Христијан Мицкоски знае дека министерот за туризам донел упатство без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што јасно стои во информацијата на Влада од 9 декември 2025, што по редот на нештата треба да е основа за да се донесе какво било упатство за проблем кој зависи од сосема други страни. Дали господинот министер, со ова самоволие преку ова упатство, покрај тоа што се става над законите и судовите во државата, има намера да делува спротивно на насоките на владата од која е дел?“, прашува синдикатот.
„Затоа СКРМ учтиво возвраќа на вашата „честитка“ со следнава порака: „Изнудени судски пресуди“, „донесени на начин на кој се донесени“ и „без вештачење“ – цитат, постојат исклучиво во Вашата имагинација и претставуваат произволни конструкции со кои се обидувате да ги оправдате сопствените погрешни постапки по преземањето на министерската функција. Конечно, имајте доблест да ја преземете одговорноста за своите постапки и да покажете здрав разум, бидејќи не Вие, туку судот одлучува дали е потребно вештачење и под кои услови се носи судска пресуда. Ниту еден министер нема уставна или законска надлежност да ја преиспитува или релативизира судската одлука по сопствено убедување. Со вакво однесување, преку континуирано кршење на законите и колективните договори, не се добиваат поени во една Влада; напротив, директно се нарушува нејзиниот кредибилитет и се урива нејзиниот рејтинг. СКРМ доби уште 13 судски пресуди кои со претходните две се веќе 15, и истите ќе бидат објавени. Среќни и весели празници, министре!“, пишува во соопштението на СКРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од околу 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

