Македонија
Сите основни училишта во Македонија ќе добијат примероци од македонскиот Правопис
По иницијатива на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во соработка со НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, започнува акција за дистрибуција на примероци од „Правописот на македонскиот јазик“ во сите основни училишта низ државата.
Оваа активност е важен придонес кон подобрување на наставниот процес, подигнување на јазичната култура кај учениците и зачувување на македонскиот јазик како суштински дел од нашиот национален идентитет.
Акцијата следи откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје беа откриени 2600 примероци од второто издание на Правописот, кои цели седум години не биле дистрибуирани и биле чувани во несоодветни услови, иако првично биле наменети за сите јавни установи и институции, како и за лекторатите и библиотеките во земјава и странство. По остварената средба меѓу претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски со директорот на НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, Јовица Никчевски, се става крај на евидентираната институционалната негрижа и се обезбедува сите училишта во државата да поседуваат Правопис, ставен во функција на образовниот процес и грижата за македонскиот јазик.
„Денес остварив средба со директорот на НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, Јовица Никчевски, на која што разговаравме за спроведување на една заедничка акција за дистрибуирање на Правописот на македонскиот јазик во сите училишта, кој неодамна беше откриен во депото на Националната универзитетска библиотека. Имено, се работи за 2600 примероци од второто издание на Правописот на македонскиот јазик откриени при вршење на попис на капиталните проекти кои се наоѓаат во библиотеката и кои, од засега непознати причини цели седум години се чувале во депо во несоодветни услови.
По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката, утврдено е дека во 2018 година НУБ „Св. Климент Охридски“ аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик. 2600 примероци требало да стигнат до сите јавни установи и институции во Република Македонија, како и до лекторатите и библиотеките надвор од државава, што очигледно не се случило.
Но, ова значајно издание повеќе нема да скапува во магацинските простории и ќе се дистрибуира таму каде што е најпотребно. НУБ ќе достави 1000 примероци на ЗЕЛС кои ќе бидат распределени во сите основни училилишта во Македонија, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта. Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето!
Сакам да изразам огромна благодарност до директорот Јовица Никчевски, за неговата посветеност и грижа за зачувувањето на делата кои се од непроценлива вредност за нашата држава. Ова значајно издание на македонскиот Правопис наскоро ќе биде достапно за нашите најмлади, бидејќи тие се оние преку кои нашиот јазик, нашето најголемо културно и духовно наследство ќе живее-изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

