Македонија
„Сите сити“ – нов систем за донирање на вишокот храна
Според податоците на Државниот завод за статистика, 453 илјади луѓе во земјава живеат во сиромаштија и не можат да си ги дозволат сите оброци на ден, со месечни приходи помалку од 6.500 денари. Семејствата со три и повеќе деца се во поголем ризик. Според податоците, во 2016 година стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесувала 21,9 отсто. Од друга страна, илјадници тони безбедна храна се фрла на депониите.
За да се надмине овој проблем граѓанската организација „Ајде Македонија“ со поддршка на Амбасадата на Швајцарија, УСАИД, Мировниот корпус, Националниот демократски институт и агенцијата за маркетинг комуникации Publicis One денес го промовираа новиот проект „Сите сити“ кој во изминатиот период ги создаде основите за воспоставување на првиот систем за донирање на вишокот храна во Македонија, кој официјално ќе почне да функционира од 23 април.
„Станува збор за проект кој има за цел вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите туку да се пренамени онаму каде е реално неопходен. Ова беше навистина комплексен проект, но свесни сме од колкаво значење може да биде во иднина за сите нас, па од таму и насловот на проектот ‘Сите сити’ или, пак, ‘Сите си ТИ’ каде покрај примарната цел храната да стигне до поединците и семејствата кои не можат да си дозволат повеќе обрoци во текот на денот, исто така се грижиме и сметаме дека е многу важно да ја подигнеме и свеста кај луѓето за важноста за правилно третирање на вишокот храна. За големината на општествената промена зборува фактот што само во подготвителниот период повеќе од 1 тон храна се донираше на повеќе од 3300 граѓани., изјави Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија“.
Системот се состои од законски промени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на свеста, подигнување на капацитетите на членките на системот и воспоставување веб-платформа за размена на храната. „Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно храната од бизнисите преку 14 граѓански организации ќе завршува кај 13.000 социјално загрозени граѓани кои се корисници на нивните услуги. Системот ќе пилотира оваа година на подрачјето на Скопје, но планот е од наредната година да се прошири низ цела Македонија“, вели Јосифовски.
Главните извори од каде ќе се собира вишокот храна и ќе се пренамени се производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти, пекари и др. Компаниите кои веќе се вклучија се: „Нелт СТ“, „Рудине“, „Виталиа“, „Јоми Фуд“, „Пекара ПерекЕ“ и други. На настанот се потпиша и меморандум за соработка меѓу 14 граѓански организации и 5 бизнис-претставници кои заедно влегуваат во системот за донирање храна.
Ова е само почеток. Се радуваме на сите нови компании кои се занимаваат со производство и дистрибуција на храна кои ќе покажат интерес и добра волја да ни се приклучуваат во овој голем подвиг наречен „Сите сити“. Ова е воедно и повик сите бизниси да се вклучат во спасувањето и донирање храна за социјално загрозените граѓани“, рече Јосифовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

