Македонија
Сијарто за унгарските донации: Тука сум на повик на Мицкоски, кој побара помош
Унгарскиот министер за надворешни работи, на заедничката прес-конференција со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека тука е по негов повик, бидејќи тој побарал помош за состојбата со коронавирусот.
„Причината што сум тука денес е телефонскиот повик што го добив од Христијан Мицкоски минатата недела. Повик во кој тој потенцираше дека постои потреба од хуманитарна помош од Унгарија со цел заштита и спречување на ширењето на пандемијата која ни се случува. Поради тоа ние одлучивме да помогнеме на пријателскиот народ во Македонија, поради тоа јас денес донесов 100 илјади маски и 5 илјади заштитни одела да ви помогнам во мерките за заштита“, рече Сијарто.
Министерот додаде дека воздушниот мост помеѓу Унгарија и Кина функционира добро и имаат целосна линија за производство овозможена од Кинезите и сега ќе почнат самите да продуцираат маски.
„Откако ја предадов донацијата на министерот за внатрешни работи, разбрав дека ова ќе им помогне на вашите полициски службеници со тоа што тие ќе бидат побезбедни. Ова е многу важно за нас бидејќи вашите полициски службеници ја штитат вашата јужна граница со цел да се справат со проблемот од мигрантската криза. Уживаме многу добра соработка на ова поле со оглед на тоа што 1383 унгарски полициски службеници се дел од заштитата на јужната граница заедно со вашата полиција“, додаде Сијарто.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека пријателите се познаваат по неволја, а Македонија има пријатели.
„Благодарност до Унгарија и до целиот унгарски народ што во вакви тешки моменти демонстрира хуманост и споделува помош која е добредојдена за оние коишто се во првите линии во борбата против оваа пандемија на корона. Воедно благодарност и до унгарскиот премиер Орбан и министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, што ова е прва меѓудржавна посета откако се затворија границите и настана кулминацијата на пандемијата со корона“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека е потребно да се покаже хуманост и да се дејствува секој во рамките на своите можности и средства со кои располага.
Претходно денеска Сијарто се сретна со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, а потоа и со министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кому му ги предаде маските и заштитните одела за потребите на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Какво ќе биде времето за дочекот на Новата година и 1 јануари
Времето утре ќе биде сончево и студено, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје се очекува претежно сончево и студено време, со умерен северен ветер.

Прогноза за 1 јануари
Минималните температури ќе се движат од -12 до -2 степени, додека максималните ќе бидат од -1 до 7 степени Целзиусови. Времето ќе биде претежно сончево и студено, со слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Македонија
„Дали на Бихаќка Нова година ќе си честитаат по дубајско време“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Откако лидерот на СДС, Зоран Заев одамна се смести во Дубаи, а Венко Филипче побрза да избега кај него за празниците, се поставува прашањето дали на Бихаќка Нова година си честитаат по дубајско време како нивниот лидер и неговиот намесник Филипче?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„А дали и овој пат на забавата главна ѕвезда ќе биде Харис Џиновиќ или некоја друга балканска турбофолк „ѕвезда“ и кој од раководството одбрано од Заев, тоа ќе се види на снимките како што и претходно видовме како Филипче радосно го снима неговиот лидер додека се забавува.
Веројатно дека покрај Новата година, во Дубаи на забавата веројатно ќе се прославува и нивната инвестиција 42-катница, нешто што повеќе пати е потврдено како од намесникот Филипче и СДС, така и од сведоштвото на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски.
Воедно остана неодговорено како Филипче од докторска плата „собра“ пола милијарда евра затоа што толку се потребни за добивање златна виза во Дубаи преку инвестиција или бизнис, бидејќи досега не видовме доказ дека златната виза ја добил на поинаков начин, иако викаше дека ќе покаже. Македонската јавност чека одговори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Зајкова: Реформи за Судски совет донесени на брза лента не градат доверба
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, остро реагираше на начинот на кој се носи новиот Закон за Судскиот совет, предупредувајќи дека реформите „на брза лента“ не можат да ја вратат довербата во правосудството.
Според Зајкова, предложениот закон не носи вистински напредок во процесот на избор на членовите на Судскиот совет, бидејќи конечната одлука повторно ја има Комисијата за избор и именување во Собранието.
„Нема ранг-листа, туку само листа на кандидати. Тоа значи дека Комисијата може слободно да одлучи кој кандидат ќе биде избран, без јасни критериуми и редослед. Така и 15-тиот на листата може да стане прв“, предупреди Зајкова.
Таа потсети дека, според препораките на оценската мисија, неопходно е формирање посебен жалбен совет кој ќе одлучува по приговорите во процесот на избор – нешто што со овој закон повторно се игнорира
Иако Министерството за правда тврди дека со законот се заоструваат критериумите за избор на членови, Зајкова посочи дека суштинскиот проблем останува – политичкото влијание врз судството.
„Клучниот проблем е политичкото мешање и диктирањето на пресуди, нешто на што сите сме сведоци. А кога веќе зборуваме за дигитализација, да не заборавиме на АКМИС системот и сите обвиненија поврзани со неговата злоупотреба“, истакна таа од собраниската говорница.
„Добро е што зборуваме и за реформска агенда, но жално е што изгубивме време и средства за на крај повторно да носиме закон без доволна дебата. Очекувам во иднина да имаме подобар Кривичен законик, потранспарентни постапки и ако ништо друго, повеќе време за суштинска анализа на системските закони кои влегуваат во Собрание и подобрување на законските решенија“, заклучи Зајкова.

