Македонија
Сиљановска-Давкова во Хаг оствари средби со претседателот на Чешка и со премиерите на Естонија и Белгија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на НАТО самитот во Хаг, оствари средби со претседателот на Чешка, Петр Павел, премиерот на Република Естонија, Кристен Михал и со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер.
На средбите соговорниците изразија задоволство од одличната билатерална соработка и партнерство во различни области и поддршка за евроинтегративниот пат на државава.
Заблагодарувајќи му се на претседателот Петр Павел, за принципиелната и доследна поддршка на Чешка, Сиљановска-Давкова укажа на тековните предизвици и политички мотивираните обиди за блокирање на европскиот пат на државава. Таа ја потенцираше неопходноста од заштита на националниот идентитет и истакна дека прашањата поврзани со идентитетот, или толкувањето на историјата не можат да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Претседателот Павел рече дека земјава може да смета на континуирана чешка поддршка во текот на евроинтегративниот процес.
Повторувајќи го јасниот став против билатерализацијата, Сиљановска-Давкова рече дека длабоко ја цени принципиелната поддршка на Естонија за политиката на проширување на ЕУ и нагласи дека овој процес има стратешка и геополитичка важност. Естонскиот премиер Михал посочи дека државава добро ги исполнува Копенхагенските критериуми. Тој изрази подготвеност за помош во процесот на македонската евроинтеграција.
Прашањето за деблокирање на евроинтегративниот пат беше во фокусот и на средбата со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, кој истакна дека членките на ЕУ треба да имаат појасен и поискрен став во однос на проширувањето. Тој нагласи дека интеграциите мора да се одвиваат според напредокот и спроведените реформи на државата аспирант за членство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

