Македонија
Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси
Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села.
Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од 15 претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП, невладиниот сектор и други државни и локални институции ги образложија причините за алармантното намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро. Врз основа на научни анализи и докази, како клучни фактори ги посочија климатските промени, намалените врнежи од дожд и снег, понирањето, како и прекумерното користење на водата за наводнување. Присутните на дебатата нагласија дека повлекувањето на Преспанското Езеро не е само национален, туку е и прекуграничен проблем.

Истакнувајќи дека Преспанскиот регион поседува беспрекорна убавина којашто внесува посебен мир, Сиљановска-Давкова рече дека сите имаме обврска да ја третираме природата како партнер, бидејќи штитејќи ја природата, се штитиме себеси.
„Верувам дека има решенија, само треба да се чујат. Верувам дека во еден инклузивен процес и сите кои одлучуваат мора да ги чујат мислењата и ставовите на овие квалификувани и заинтересирани луѓе коишто живеат овде и веруваат во иднината на овој регион. Сите треба да се впрегнеме за она што е остварливо, навистина да стане реалност, а не само посакувана цел“, додаде претседателката.

Претходно, во Ресен таа го посети Домот на културата ,,Драги Тозија”, познат како ресенскиот сарај. Објектот го градел еден од водачите на младотурската револуција, Ахмед Нијази Бег на почетокот на 20-тиот век и во него се наоѓа спомен собата на Кераца Висулчева во којашто се изложени дел од цртежите и сликите од нејзиното творештво. Претседателката искажа верување дека свое заслужено катче во сарајот ќе добие и ресенчанката Наде Проева, истакната македонска историчарка и професорка.
Таа ја разгледа и спомен-куќата на Татарчеви, во којашто се чуваат предмети од ова познато семејство, како и музејската поставка со восочни фигури и други обележја на голем број историски личности од регионот.

За време на посетата, Сиљановска-Давкова одблизу се запозна со работата на фабриката Свисслион Агроплод и оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.
Истакнувајќи дека за неа е голем предизвик да разговара со млади луѓе, коишто во себе носат уникатна енергија, претседателката ги слушна нивните размислувања и идеи како да се намали иселувањето. На средбата се согласи со ставот на младите и на градоначалникот дека е неопходна државна стратегија за задржување на младите тука, дома.

„Знам дека Ресен има убава иднина, му треба само мала помош. Преку проектот „ЕУ за Преспа“ се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, којашто е една од македонските општини со најголем бенефит од европските фондови“, заклучи Сиљановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

