Македонија
Сиљановска-Давкова – Матарела: Не смее да бидеме жртва на идентитетски прашања
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Рим оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела, на која беше истакнато дека Италија е наш важен политички и економски партнер.
Соговорниците разговараа за македонскиот евроинтегративен пат, при што беше констатирано дека Италија, како дел од неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, ја препознава важноста на проширувањето на ЕУ.
Искажувајќи благодарност за силната италијанска поддршка, Сиљановска-Давкова изјави дека претседателот Матарела, како наш, но и голем пријател на Западниот Балкан, веќе разговарал со господинот Антонио Кошта, но и со госпоѓата Фон дер Лајен, за она што нам ни се случува и рекол дека „не смее Европската унија да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања, или на билатерализација врзана за идентитетските прашања“.
„Очекува тој, и јас очекувам да дојде до разговори со нашите соседи да видиме кое е можеби најдоброто решение“, рече претседателката и додаде дека ги реафирмирала заложбите за гаранции.
Таа истакна дека ако ова биде уште една од промените на којашто укажува Европската унија, не само што ние нема ништо да добиеме, туку нема да добие ништо ниту Балканот, бидејќи приказната за ветото и приказната за билатерализацијата на евроинтеграцијата ќе се повтори.
Македонската претседателка утрово имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Лав XIV со кого во подолг разговор е потврдено пријателството помеѓу државава и Ватикан.
Осврнувајќи се на посетата на Италија, Сиљановска-Давкова изјави дека и Папата и претседателот на Италија, биле и остануваат наши пријатели и дека навистина нема да ги заборават ниту принципите на ЕУ.
Претседателката, на средбите потсетила – ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница, но исто така ја нагласила и потребата „да седнеме културно со соседите во случајов со Бугарија и да го решиме проблемот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

