Македонија
Сиљановска-Давкова на свечената промоција на офицери и подофицери: Со вашиот патриотизам и професионализам треба да бидете пример за македонското општество
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје се обрати на свечената промоција на 24. класа питомци во првиот офицерски чин – потпоручник, слушателите на курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин – поручник и слушателите на основниот курс за подофицери во првиот подофицерски чин водник.

Во своето обраќање претседателката Сиљановска-Давкова пред питомците истакна дека тие стануваат офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти и дека како офицери на НАТО-армијата од нив се очекува да ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и врвни критериуми.

Претседателката изрази уверување дека тие активно ќе учествуваат во справувањето со традиционалните и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот и дека ќе треба да придонесуваат за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржуваат борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.

Во рамките на свечената промоција претседателката Сиљановска-Давкова на потпоручник Милица Перишиќ од Црна Гора ѝ додели плакета за најдобар успех во 24. класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

