Македонија
Силјановска-Давкова се сретна со унгарскиот амбасадор: посочени можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн.
На средбата беше поздравен интензивниот политички дијалог и изразена подготвеност за натамошна успешна соработка меѓу двете земји на билатерален и мултилатерален план.

Претседателката се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Унгарија како гласен поддржувач на македонската европската интеграција, што претставува наш стратешки и национален интерес и ги поздрави приоритетите на унгарското претседавање со Европската Унија и најавите во однос на политиката на проширувањето.
Во таа насока, беа разменети информации околу текот на македонските евроинтеграции, при што претседателката го истакна очекувањето дека процесот на пристапување во Европската Унија ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми.

Соговорниците разговараа и за соработката во сферата на образованието, науката, одбраната и транспортот, при што претседателката изрази надеж дека во наредниот период дополнително ќе се продлабочи започната соработка помеѓу државните и високообразовните институции на двете земји.
На средбата беа посочени можностите и за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и зголемување на трговската размена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

