Македонија
Силјановска-Давкова – Ѓуриќ: Потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/siljanovska-guric-1.jpg)
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, Марко Ѓуриќ, кој ќе учествува на самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со традиционално пријателство, и беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на севкупната соработка во областите од заемен интерес.
Двајцата соговорници разменија мислења за политичките случувања во двете земји, актуелните состојби во регионот и европската перспектива.
Претседателката Силјановска-Давкова ја истакна важноста за засилена соработка на билатерален план и во рамките на регионалните иницијативи, што е во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот развој на регионот и во духот на добрососедските односи.
На средбата беше посочена потребата за искористување на потенцијалите за развој во областа на економијата и трговската размена, инвестициите, инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Мециновиќ кон Муцунски: Признајте ја Палестина и бидете на правилната страна на историјата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mecinovik.jpg)
Во својот говор на пленарната седница за избор на нова Влада, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, му порача на Муцунски да ја признаат Палестина и да бидат на правилната страна на историјата.
– Во светски контекст Европа станува пополаризирана. Едната страна сака да продолжи војната, другата страна сака мир и преговори за мир. Јас се надевам дека нашата Влада ќе застане на страната на мирот. И затоа што македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна, особено во контекстот на Втората светска војна, а посебно потоа со егзодусот во Грција, може да се направи паралела. Затоа, ве молам признајте ја Палестина – порача пратеникот Мециновиќ.
Според Мециновиќ, во сегашната влада се инкорпорирани сите претходни режими.
– Ние тоа што го поимаме како заболено ткиво што го распарчува нашето општество, вие го гледате како рај. Тој рај се состои во вашата Влада. Вие знаете дека најдобро ќе владеете ако ги инкорпорирате сите елементи на сите претходни РЕЖИМИ во вашето владеење. Затоа, имаме министер од Владата на Заев – тоа е Таравари. Во еден момент беше најлош министер за вас, сега не е. Колешката Дафина кажа што е разликата: „Разликата е – сега Мицкоски е премиер“. Тоа значи, кога вмровец е премиер, тогаш корупцијата и криминалот, дали ќе се случуваат, не ви е битно. Затоа имате луѓе од владата на Заев, имате министри од режимот на Груевски, имате луѓе од времето на Црвенковски. И најпосле, имате и од бугарашкото време на Љубчо Георгиевски – појасни Мециновиќ.
Мециновиќ поентираше дека системот најсуштински се храни преку НЕКАЗНИВОСТА.
– Знаете дека и вас СДСМ ве врати од мртвите и ве аболицираше од вашите криминали. И така претходно, и така пред тоа, и така, веројатно, и покрај препукувањата со СДСМ, сите тие што се огрешиле пред народот, нема да стигнат до казна за време на вашето владеење – заокружи пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.
Македонија
Одрони и помали свлечишта на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/viber_image_2024-06-23_18-05-30-239.jpg)
Поради обилни врнежи од дожд проследени со град што ги зафатија скопскиот, тетовскиот и гостиварскиот регион на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар наместа има одрони и помали свлечишта и тоа посебно од наплатна станица Глумово до Карпалак и Групчин, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Кај наплатна станица Желино поради големи колчини на вода на самата рампа сообраќајот се одвива споро што доведува до создавање колони.
„Апелираме до учесниците во сообраќајот крајно внимателно да управуваат со возилата како и да ја прилагодат брзината спрема условите на патот“, вели Ангелов.
Екипите на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта се на терен и работат на расчистување на критичните места и нормализација на сообраќајот.
Македонија
(Видео) Оградата од мостот во Автокоманда падна врз две возила
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/ograda-most-avtokomanda-2.jpg)
Дел од оградата заедно со рекламно пано од железничкиот мост во Автокоманда паднале врз две возила во движење, во екот на невремето кое го зафати попладнево Скопје.
Нема информации за повредени лица, соопштија од Центарот за управување со кризи.
„Макфакс“ претходно објави дека колони возила останаа заглавени на улицата. Граѓаните апелираат да не се користи влезот во Скопје преку Автокоманда бидејќи патот е целосно блoкиран, а градските служби во моментот се на терен.
Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнале околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров. Сите пријави се пренесени на надлежни институции.