Македонија
Сиљановска наместо да ги брани државните интереси, повторно е мегафон на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневнополитички ставови, велат од СДСМ, по изјавата на претседателката за резолуцијата со црвени линии што ја најави опозицијата.
„Наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии. Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски. СДСМ ја предлага резолуцијата со цел државата конечно да заземе единствен и јасен став по прашањата поврзани со европските интеграции и преговорите со ЕУ. Таков пристап не само што е легитимен, туку е и неопходен – ако сакаме да ги заштитиме државните интереси и достоинството на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник.
„Но од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици. СДСМ останува посветен на патот на ЕУ и ќе продолжи да работи за консензус. Но нема да молчи пред деструктивноста на една претседателка која повеќе личи на говорник на митинг, отколку на државник“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.
Македонија
Николоски во Атина: во фокусот економската соработка меѓу двете земји и подобро регионално поврзување

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во дводневна работна посета на Атина, каде ќе оствари работни средби со високи претставници на Владата на Грција.
Во рамки на посетата, планирана е средба со вицепремиерот Костис Катзидакис, министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.
Исто така предвидена е средба и со менаџментот на пристаништето Пиреа.
На средбите предвидено е да се разговара за економската соработка меѓу двете земји, како и за подобро регионално поврзување.
Ќе се разговара и за изградбата на брзата пруга на коридорот 10, што многу ќе приоднесе за развој на трговијата и размената меѓу двете држави, а ќе преставува и главен крвоток за поврзување на грчките пристаништа со Централна Европа.
Во рамки на средбите планирано е да се отворат теми за унапредување на сообраќајот на Коридор 10 и 10 -д, зголемување на ефикасноста во патниот и железничкиот транспорт, за промовирање на ависообраќајот, како и унапредување на регионалната соработка.