Македонија
Сиљаноски: Заокружи 9 за нова, модерна и просперитетна Дебарца
Златко Сиљаноски, кандидат за градоначалник за општина „Дебарца“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и рече дека на општина Дебарца и претстои многу работа и истакна дел од проектите на изборната програма.
„Ни претстои многу работа, но ние од работа не се плашиме, ќе почнеме од почеток, коцка по коцка да го местиме мозаикот наречен модерна Дебарца. Со нашата програма ќе почнеме да ја реализираме промената во Дебарца. Ќе почнеме од семејствата, ќе има 50 илјади денари еднократна парична помош за млади брачни парови до 30 години, 10 илјади денари еднократна парична помош за секое запишани прваче, 100 илјади денари еднократна парична помош за трето дете, 100 илјади денари помош и ослободување од комуналии за изградба на семејна куќа за жители на општина Дебарца“, посочи Сиљаноски и додаде:
„Воведуваме бесплатен превоз за викендите за нашите студенти, пензионери, ранливи категории, недела ќе биде ден за прошетка во Охрид или за гости за кај во Дебарца, воведуваме директна инвестиција за нашите млади преку целосно субвенционирање на трошоците за возачки испит за сите матуранти, ќе дадеме директна поддршка на локалните бизниси, секој постоечки и нов маркет ќе добива 12 илјади денари месечно да им помогнеме да растат и да опстанат, со поддршката на Владата започнуваме комплетна реконструкција на спортското игралиште во село Мешеишта, целосно ќе реконструираме неколку улици значајни за селото, ќе реконструираме објект наменет за селска продавница, комплетна реконструкција на домот. Во Волино ќе ги реконструираме мостовите на двата влеза од селото, ќе го реконструираме игралиштето за голем фудбал, ќе го уредиме речното корито низ селото, ќе реконструираме неколку значајни улици. Во Требеништа ќе ги асфалтираме патиштата до црквата Св.Варвара и Св.Петка, со нов пат ќе ги поврзиме Мислешево-Волино“.
На крај Сиљаноски ги повика граѓаните да излезат и да го заокружат бројот 9, за нова, модерна, и просперитетна Дебарца.
„Следуваат убави денови за Дебарца и за секој еден граѓанин во општина Дебарца. Затоа ве повикувам на 19 октомври сите заедно, обединети да го изразиме нашето незадоволство, да излеземе и масовно да гласаме за бројот 9 за градоначалник и за победничка советничка листа со мнозинство во Советот на општината и заедно да почнеме да ја градиме новата, модерна, просперитетна Дебарца, како убав дом за сите граѓани во општина Дебарца“, дециден е Сиљаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

