Македонија
„Скандалот во М-НАВ е сликата за Македонија како е кога СДС и ДУИ се власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Неказнивоста за упадот во М-НАВ е доказ дека со оваа власт во државата единствено царува криминалот. Скандалот во М-НАВ е сликата за Македонија како е кога СДС и ДУИ се власт. Коалицијата СДС – ДУИ, која се претставува како европски фронт, врши упад во контролна кула на М-НАВ и тепа вработени кога во моментот 40-ина авиони се над градот, а притоа не се казнуваат. Во држава во која има нормална власт сторителите би биле во затвор веднаш“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, затоа овој скандал, кој е од меѓународни размери, единствено за СДС и ДУИ претставува ситен криминал.
Македонската јавност заслужува да знае дека: Четворица напаѓачи организирани од ДУИ ги нема, МВР не знае каде се; Оние од ДУИ однесени пред суд се пуштени без притвор од судија кој што исто така е близок на ДУИ; Обвинителство и судот си ја префрлаат топка, ОЈО барало притвор заради „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај”, а судот на ДУИ тврди дека немало докази;
Тепаниот е приведен на граница, за него имало наредба да биде апсен; Едниот од напаѓачите веќе требало да е во затвор за друго дело, но не е; Главниот напаѓач, функционер на ДУИ ќе оди на работа во контролната кула, кај тепаните и оние што со банда дошол да ги тепа пред неколку дена;
Обезбедувањето миленик на ДУИ, соучесник во упадот, продолжува со работа, иако пуштиле неовластени лица, и оние што не се на смена во контролна кула за да тепаат, додека авиони кружат над Скопје!?
Власта се уште молчи со цел да обезбедат недопирливост за себе и за бандите.
Правосудните институции во државата се партизирани и работат по наредба на ДУИ и СДС. Време е истите тие институции да се ослободат од канџите на оваа криминална власт и да започне да функционира правосудниот систем во Македонија.
Македонија треба да престане да е роб на криминалците од СДС и ДУИ. Време е да се случат промените во државата.
Никогаш не било полошо, важно е да ги поразиме!“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..