Македонија
Скопско Инџиково добива градинка за 48 деца, премиерот и министрите направија увид на градежните работи
Општина Гази Баба ќе добие нова градинка во населба Инџиково, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и градоначалникот Бобан Стефковски, денеска извршија увид на градежните активности.
Како што појасни градоначалникот Стефковски, градинката се гради на површина од 490 метри квадратни, ќе биде приземјен објект со висина од 3 метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.
Градоначалникот Стефковски изрази благодарност на владината поддршка и истакна дека таа е вистински партнер на граѓаните и општините, која ги препознава потребите и барањата на граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.
„Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Ова е проект еден од четирите од првиот владин повик во насока на подобрување на капиталната инфраструктура. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата“, истакна Перински.
Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место и информираше дека годинава се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а уште 15 градинки се во подготовка или во тек изградба.
„Самата постапка на промена на ресорите во самата Влада уште на почетокот на мандатот на оваа Влада, значеше дека тогашното Министерство социјална политика и труд ќе добие поинаква конотација и поширока надлежност, особено во делот на демографијата и младите. Овој објект е токму во таа насока, бидејќи колку повеќе градинки и училишта, толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и повеќе дечиња да имаме на коишто ќе се радуваме. Тоа е суштината на политиката на оваа Влада и токму поради тоа денеска Министерството е за социјална политика, демографија и млади“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

