Македонија
„Скопско“ ќе слави 100 години на годинешната „Галичка свадба“
Годинешното издание на најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас ќе се одржи наредниот викенд, од 12 до 14 јули, во живописниот Галичник. Неколку илјади домашни посетители и странски туристи повторно ќе уживаат во атрактивното доживување кое го нуди овој единствен настан од ваков вид.
И годинава СКОПСКО и останатите брендови на Пивара Скопје се дел од настанот, продолжувајќи го традиционалното партнерство со „Галичка свадба“, кое годинава одбележува половина век, а трае од самите почетоци на манифестацијата.
Сликовитите падини на планината Бистра и импресивниот Галичник повторно се сцена на која ќе бидеме сведоци на уникатните свадбарски обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за овој дел од нашата земја. Посебното внимание на љубопитните посетители ќе биде свртено кон галичката невеста Стефана Димитрова, која е по потекло од Галичник, и кон младоженецот Даријан Кочоски, кои судбоносното „ДА“ ќе го кажат в недела на 14 јули. Годинешната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а и двајцата млади и досега биле учесници на Галичка свадба.
„Најпозитивно при опсежните подготовки на манифестацијата, во текот на целата година, е што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од свеченостите, туку напротив, тој секоја година расте. Тоа е посебен знак дека успеваме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата која сме ја наследиле и ја пренесуваме на следните генерации“, рече претставникот на организаторот, Месната заедница Галичник, Александар Костиќ и додаде дека „со поддршката од долгогодишните партнери Галичник е подготвен на сите посетители и годинава да им ја презентира богатата и уникатна традиција на која ѝ се восхитуваат сите што ја запознале“.
Институционален покровител на „Галичка свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Тоа дополнително го истакнува значењето на оваа манифестација, која игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура и туризам.
Ваквиот начин на обележување на Галичката свадба прв пат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија. Токму половина век од соработката со оваа манифестација годинава обележува Пивара Скопје, чија што поддршка и брендови прераснаа во своевиден симбол на настанот.
„Во годината кога прославуваме 100 години СКОПСКО, заедно со Галичка свадба обележуваме и 50 години соработка. А, кога едно партнерство трае половина век, јасно е дека двете страни ги врзуваат исти вредности – негување и грижа за традицијата и зближувањето на луѓето во позитивни случувања и заедништво. Генерации на ‘пиварци’ се горди на оваа поврзаност и што токму нашите брендови станаа симбол на оваа исклучителна традиција“, рече Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во Пивара Скопје, честитајќи им на младоженците Стефана и Даријан и посакувајќи им здравје, среќа и бериќет.
Традиционално, почетокот на свадбениот обред, вечерта в сабота, 13 јули, ќе го означи побратимот со „фрлање“ на три пушки и со виорење и поставување на свадбениот бајрак. Вечерта продолжува со останатите обичаи – пречек на тапаните, кои два дена ќе ечат низ Галичник, свекрвиното оро, а членовите на НУ „Танец“ ќе го одиграат симболичното „Тешкото“. Секогаш импресивна е и глетката кога сватовите со борина в рака ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми кај опеаната „Упија“.
Денот на венчавката, недела, 14 јули, ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, меѓу кои таканареченото канење на мртвите, канењето на кумот, бричењето на зетот, бодинењето, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други обичаи. Ѝ годинава пејачка група ќе ги изведува подзаборавените обредни песни. Венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со испраќањето на тапанџиите и зурлаџиите.
За обредниот дел од програмата ќе биде обезбеден пренос „во живо“, што ќе се емитува на екран поставен на платото пред чешмата Упија, а за оние кои нема да бидат присутни на настанот, и на социјалните мрежи.
И за годинешната манифестација ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим, а организаторот и партнерите апелираат посетителите да консумираат алкохол одговорно, да не возат доколку пијат и да се грижат за околината и природата во уникатниот Галичник.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

