Македонија
Скопје повторно ќе биде град на соживот, соработка и солидарност, порача Арсовска од Сарај
„Скопје повторно ќе биде град на соживот, соработка и солидарност. Скопје ќе има ред во сообраќајот. Достапен и ефикасен јавен превоз. Ќе биде град во кој ќе нема заборавени населби и населени места. За сите населени места во Сарај ќе донесеме посебна програма со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми во делот на инфраструктурата, водовод, канализација. Конечно ќе се изгради нов кружен тек на влезот на Сарај и ќе се поврзе Матка со автопатот и обиколницата. Со целосно бесплатен јавен превоз за граѓаните на Скопје и 250 нови еколошки автобуси во еден мандат, сите населени места ќе бидат поврзани со квалитетен автобуски превоз”, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска на денешната средба со граѓани во општина Сарај.
Арсовска во разговор со граѓаните се осврна и на многу ветувања кои на жителите им беа ветени во текот на изминатите години од актуелната градска власт.
„Сарај е очигледно заборавена општина од градот Скопје. Ви беше ветен нов кружен тек на влезот на Сарај за регулирање на сообраќајот. Оној кој денес ќе ви ветува нови проекти, пред четири години тука пред вас вети ревитализација на спортско рекреативниот центар ’Сарај’ и езерото Треска. Денес гледаме дека тоа не е реализирано за граѓаните на Сарај и граѓаните на Скопје. Истиот тој пред четири години ви вети поврзување на Матка со автопатот. Нема ништо и од тоа ветување. Ви вети и водоводна и канализациска мрежа во населените места во Сарај. Денес гледаме дека и тоа е лага, сè уште во Сарај има места кои немаат асфалтирани улици, немаат чиста вода за пиење. Овие големи ветувања – се и големи разочарувања“, потенцираше Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.

