Македонија
Сметките на „Жан Митрев” остануваат блокирани, одлучи Апелација и му ја одби жалбата

Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Жан Митрев, при што сметките на болницата остануваат блокирани.
„Апелација информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-208/23, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Ж. М. од С. и обвинетото правно лице ПЗУ Клиничка болница Ж. М. од С., изјавена преку бранителите и решението на Основниот кривичен суд Скопје К. бр.349/23 од 24.2.2023 година, со кое предлогот за определување привремени мерки за обезбедување имотно-правно побарување на Основното јавно обвинителство Скопје КО. бр.2859/22 од 23.2.2023 година кон обвинетиот Ж. М. и обвинетото правно лице ПЗУ Клиничка болница Ж. М. од С. е уважен, го потврди.
Советот на овој суд најде дека првостепениот суд правилно постапил кога го прифатил предлогот на Обвинителството и кон обвинетите определил привремени мерки – забрана за оптоварување и располагање со недвижноста наведена во изреката на решението, како и забраната за исплата на износите наведени во изреката на обжаленото решение од сметките на правното лице за износите за кои е определена мерката наоѓајќи дека се исполнети сите законски услови“, велат од Апелациониот суд.
Донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претежно облачно со услови за дожд и снег

Времето денеска ќе биде умерено до значително облачно со услови за слаб дожд, на планините и на повисоките места слаб снег, претежно во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје претежно облачно, во раните утрински часови во делови од котлината ќе има услови за врнежи од слаб дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време. По одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност, а локални врнежи од дожд се очекуваат во четврток. Утринските и дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

ЈП Водовод и Канализација известува дека денеска поради изведување на водоводен приклучок од ф 80мм на улицата Васил Стефановски бр 2. без вода ќе останат корисниците на дел од улиците Васил Стефановски, Костурски Херои, Борка Талевски, Петар Поп Арсов, 9-ти Мај, Роза Луксенбург, Христо Смирненски во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Без струја дел од Бутел и Карпош

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел и Карпош.
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од дел улица Радишани и дел од улицата Бел камен во општина Бутел,
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од корисниците од улицата Јури Гагарин во општина Карпош.