Македонија
Снег во Маврово и Крушево
Падините на Маврово и повисоките места во Крушево утрово се прекриени со снежна покривка.
Според најновите информации од УХМР, до 7 часот утринава висината на снежната покривка во Маврово е 6 сантиметри, 4 во Лазарополе и 4 во Крушево.
Во Берово утрово било најстудено со измерни – 5 степени, потоа во Маврово – 3, -2 Крушево, -1 Крива Паланка, Лазарополе, Куманово, 0 Пожаране, Тополчани и Ѓуриште, 2 Претор, Прилеп, Виница, 3 Охрид, Битола, Дебар, 4 Тетово, Скопје-Петровец, Штип, 5 Скопје-З.Рид, Струмица, Д.Капија, 6 Гевгелија и Дојран.
Преку ноќта и изутринава беше претежно облачно, во западните и јужните делови со локален дожд, а на повисоките места и на планините со снег.
До крајот на денот ќе биде облачно и студено, со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините со повремен снег особено во јужните и западните делови. Врнежите ќе бидат со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10 степени. Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со слаб до умерен југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.
Утре времето ќе биде облачно и студено со повремени врнежи, кои во западните делови ќе бидат претежно од снег. Во попладневните часови врнежите ќе преминуваат во снег на повеќето места низ земјава, освен на југоистокот каде ќе бидат претежно од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во западните и југозападните делови од земјава, каде се очекува да наврнат и над 30 литри на метар квадратен воден талог и на повеќе места ќе се формира снежна покривка.
Утре кон крајот на денот и во скопската котлина врнежите ќе преминуваат во снег и ќе има услови да се формира мала снежна покривка. Нов влажен бран со пообилни врнежи претежно од дожд ќе има во вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

