Македонија
Совети и препораки за пациенти со пулмонални заболувања во услови на Ковид-19
Во услови кога на глобално ниво е прогласена пандемија поради рапидно ширење на коронавирусот, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија упатува стручни препораки за лицата со хронични белодробни заболувања, кои спаѓаат во групата болни со висок ризик за разивање потешка клиничка слика на Ковид-19 и имаат зголемен ризик од несакани последици и фатален исход.
Во овој период особено внимателни треба да се лицата со: астма, хронична опструктивна белодробна болест – ХОББ, цистична фиброза, хронични интерстициелни болести, хронични болести на пулмоналната циркулација, болните со екстремна дебелина проследена со хиповентилациски синдром, лицата на имуносупресивна/имуномодулаторна терапија, како и болните со малигни болести на белите дробови и плеврата.
– Превентивни мерки
Болните со хронични белодробни заболувања строго да се придржуваат кон препораките на надлежните органи за самоизолација, избегнување непотребни контакти со други лица, дури и доколку тие во моментот не манифестиираат симптоми на настинка или болест. Ова се однесува и на членовите на фамилијата и пријателите, особено ако тие редовно одат на работа, во набавка и слично.
Одржување лична хигиена, често миење (или дезинфекција) на рацете, особено пред јадење и веднаш по кашлање.
Болните со хронични белодробни болести често имаат хронична кашлица и се потенцијален здравствен ризик за својата околина поради што е неопходно да користат марамчиња за една употреба при кашлање, кои веднаш ќе ги фрлат во пластична кеса и ќе ги дезинфицираат или измијат рацете. Лицето што ќе ги исфрла отпадните материи од болниот (кеса со употребени марамчиња, пластични предменти за една употреба и слично) треба да ги затвори во друга кеса и да ги депонира во контејнерите за отпадоци. При манипулација со нив задолжително да се носат ракавици за една употреба, кои ќе се фрлат веднаш по употребата и рацете да се дезинфицираат/измијат со сапун.
Потребно е болните да имаат свој прибор за лична хигиена, крпи, садови, кои ќе бидат адекватно означени, за да не се мешаат со оние на другите членови на фамилијата.
Потребна е и дезинфекција на површините во домот со алкохол или со средства за дезинфеција на база на алкохол.
Болните да не прекинуваат со употреба на веќе препишаната редовна терапија за контрола на нивната болест. За таа цел, овозможено е матичните лекари да ја препишат терапијата врз основа на претходно издадени извештаи од специјалист/супспецијалист за да се спречи непотребно движење на болните во здравствените установи.
Во редовната исхрана да се воведат состојки што содржат антиоксиданси, бета-каротин и витамин Ц (шумско овошје, моркови, агруми), редовно спиење и одмор, како и физички вежби во рамките на можноста (во зависност од степенот на ограниченост поради основната болест).
– Постапка при влошување на тегобите од хроничната болест
Во случај на појава на зачестена или поинтензивна кашлица, зголемување на количината или промена на бојата и густината на искашланицата, влошување на заморот или појава на нови тегоби, како, на пример, покачена температура, болка, крвава искашланица, препорачуваме болниот веднаш да стапи во контакт со својот матичен доктор. Во услови на оваа вонредна состојба матичните доктори ќе обезбедат најбрза и воедно и најадекватна првична помош на болниот и претставуваат централната алка што го поврзува болниот со другите нивоа на здравствена заштита.
Доколку состојбата на болниот е многу тешка, односно по процена на матичниот доктор, треба да се контактира Службата за итна медицинска служба или службите на секундарната здраствена заштита (интернисти, пулмоалерголози, центрите за астма и ХОББ на ниво на здравствени домови и регионални болници, ГОБ „8 Септември“.
Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија останува на располагање на сите болни за кои матичниот доктор, секундарната здравствена заштита или итната служба ќе проценат дека имаат потреба од терциерна здравствена заштита.
При секој контакт со медицинско лице во домашни услови или при посета на здравствените установи (преглед од доктор, земање лабораториски и микробиолошки примероци, контакт со домашна посета, итна медицинска помош и слично) болниот задолжително да носи маска, која ги покрива носот и устата, марамчиња за една употреба и средство за дезинфекција на рацете!
Доколку болниот има честа и продуктивна кашлица, се препорачува носење заштитна маска и при контакт со членовите на фамилијата, односно лицата со кои живее или е во иста просторија и во непосреден контакт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

