Македонија
Советот за реформа на јавната администрација одржа седница за реорганизацијата на државните органи
Советот за реформа на јавната администрација (Совет за РЈА), со кој претседава премиерот Зоран Заев, ја одржа осмата редовна седница. На седницата покрај членовите на Советот, присуствуваа и останатите министри во Владата, пред кои беа презентирани клучните постигнувања на ИПА 2-проектот „Поддршка на државната реорганизација“, финансиран од страна на Европската Унија.
Како што подвлече премиерот Заев, реорганизацијата на државните органи е една од клучните реформи за подобрување на јавната администрација, реорганизацијата е еден од стратешките приоритети на реформата на јавната администрација, нагласен и во Програмата на Владата. Оваа операција е нешто што историски, за првпат се прави во нашата држава. Поставувањето на јасни линии на отчетност, спојувањето на институции со исти надлежности и намалувањето на нивниот бројот на институции ќе придонесе кон зголемување на професионалноста и ефикасноста на јавната администрација.
Целта на овој проект е да се оптимизира целокупната институционална рамка, да се зајакне испораката на јавните услуги и да ги унапреди етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација.
Клучните постигнувања во рамки на проектот, како и следните чекори, за кои е неопходна институционална поддршка, но и поширок општествен консензус, ги презентираа Слаѓана Тасева, тим-лидерот на проектот, Александар Антоновс, клучен експерт, и проф. д-р. Искра Аќимовска Малетиќ, сениор експерт.
Експертите истакнаа дека глобална цел е институционална реорганизација и оптимизација усогласена со заложбите во рамки на буџетските реформи и намалување на бројот на буџетски корисници.
На состанокот, експертите ја презентираа потребата од измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и првичните согледувања за идната државна организација, базирани на досега остварената соработка со институциите.
Премиерот Заев ги задолжи министерствата да ја унапредат внатрешната комуникација со органите во состав, а посебно со агенциите и инспекторатите од областите во нивна надлежност. Исто така ги задолжи да ја продолжат воспоставената комуникација и да овозможат отворена и засилена соработка со ИПА-проектот „Поддршка на државната реорганизација“, во функција на навремено развивање на предлог за реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво.
Дополнително, на состанокот се обрати и Фрек Јанмат, од Делегацијата на Европската Унија. Тој ги потврди нивните заложби за успешна реализација на овој проект и ја потенцираше важноста од посветеноста не само на Владата, туку и на Собранието во овој значаен процес од реформата на јавната администрација.
Присутните министри едногласно се согласија дека е неопходна нивна активна вклученост, ги поздравија досега реализираните активности и дадоа предлози за следните планирани чекори.
На седницата на Советот на РЈА, министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, го презентираше нацртот на Вториот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 со Акциски план за 2019 година. Советот го усвои извештајот и истиот ќе биде објавен на веб страницата на МИОА.
Поради важноста на процесот, одлучено беше до крајот на следната недела да се одржи продолжение на седницата, на која ќе се донесат заклучоци за следните чекори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации во земјава.
На средбата се разговараше за плановите на Обединетите Нации, врзани за реализацијата на претстојните проекти со фокус на стратешките приоритети опфатени во Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030 година.
Претседателката укажа на важноста на досега реализираните програми на Обединетите Нации во функција на градење институционални капацитети, унапредување на владеењето на правото и дефинирање на квалитетни јавни политики. Според претседателката, тие се во корелација со напорите за европеизација на македонското општество и исполнување на стратешката цел – интеграција во Европската Унија.
Соговорнички разменија мислења по однос на иницијативата ОН80, чија цел е поттикнување реформа и модернизација на организацијата заради поголема, ефикасност и релевантност во справувањето со глобалните предизвици.
Тие го анализираа нејзиното значење за преиспитувањето на улогата на Обединетите Нации и справувањето со безбедносните, климатски, економските и технолошките предизвици.
Претседателката посочи на неодложната потреба од длабоки реформи на ООН заради обезбедување ефикасен, координиран и одговорен систем на реалните потреби на државите и граѓаните. Таа, уште еднаш ја афирмираше својата заложба за жена генерален секретар.
Исто така, Сиљановска-Давкова посака планираните буџетски рестрикции, соодветни на иницираната рационализација на работата на ООН, да не се одразат негативно врз реализацијата на нивните програми кај нас.

