Македонија
Советот за реформи во јавната администрација задоволен од динамиката на мерките за професионализација
Петтата седница на Советот за реформа во јавната администрација се одржа денеска во Владата, а со неа претседаваше премиерот Зоран Заев.
На седницата беше усвоен Записникот од претходната седница на Советот и согласно воспоставената пракса Министерството за информатичко општество и администрација ќе го објави на својата интернет-страница.
„Во однос на заклучоците од четвртатата седница, би сакал да ја поздравам транспарентноста во работењето на институциите и да ве охрабрам да продолжите со редовното известување и споделување на релевантните документи за реформата во јавната администрација“, рече премиерот Заев, истакнувајќи ја важноста и комплексноста на реформата, од којашто, како што подвлече, треба да произлезе професионална и департизирана јавна администрација.
На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот годишен извештај за спроведување на Акцискиот план на стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022.
На седницата на Советот беше усвоен годишниот извештај, а беше донесен заклучок истиот да биде усвоен и од Владата на Република Северна Македонија.
Според министерот Манчевски, овој извештај се фокусира на резултатите, а вклучува и индикатори кои овозможуваат следење на напредокот и мерење на резултатот.
„Во врска со реорганизацијата и оптимизацијата на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби, како и во врска со новиот Закон за високата раководна служба, ги претставуваме начините на кои треба да ги направиме големите промени во системот, кои треба да се видливи и кои се однесуваат на начинот на работењето на државниот сектор“, истакна министерот Манчевски, претставувајќи ги начините на кои може да се изврши реорганизација и усогласување на државните институции, со акцент на зајакнување на евалуацијата на работата на високите службеници.
Членовите на Советот беа едногласни дека во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на мерките од Акцискиот план на Стратегијата за реформи во јавната администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

