Македонија
Советот на Општина Центар ја повлече точката за таблет-компјутерите на советниците
Координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Јон Фрчкоски, на почетокот на 69-та седница на Советот на општина Центар побара да се повлече од Дневниот ред предлог-одлуката за пренесување во сопственост на таблети на советниците во мандатниот период 2017-2021 година.
„Овој состав на Советот, зборувам во име на нашата советничка група, нема намера да добие во сопственост таблети ниту, пак, некогаш сме побарале такво нешто. Доколку интенцијата на службите на Општината е попис на основни средства или расходување на основни средства поради нивна амортизираност, службите треба истата да ја преработат во соодветна форма со прилог-материјали во однос на тоа за кои се средства се бара отпис, која е нивната вредност и слично, па дури тогаш да ја разгледуваме и да расправаме по истата. Насловот на точката е сосема несоодветен и поради истото сме прозивани во јавноста изминатиот период во сосема погрешен контекст“, изјави советникот Фрчкоски.
Фрчкоски, како координатор на Советничката група на СДСМ и коалицијата, побара од Секторот за финансии точката да ја предложи во соодветна форма за разгледување онака како што ќе ги изразува сметководствените потреби на општината, без да се ставаат советниците во позиција дека бараат сопственост на амортизираните основни средства, па потоа да се разгледува истата. Расходуваните средства понатаму општината може да ги донира каде што смета дека е потребно.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, го поддржа предлогот на Фрчкоски, со тоа што побара точката да биде вратена на доработка, исто како и точката за давање на користење на спортските сали на општинските основни училишта на територијата на општина Центар без надоместок на КК „Работнички“ АД Скопје во учебната 2019/2020 година, која исто е вратена на доработка.
По ова, седницата почна со изменет дневен ред и советниците ги усвоија извештаите за работа на трите општински детски градинки и одлуката за ослободување од партиципација на деца Роми во предучилишното образование во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

