Македонија
Совет за безбедност: Направени се сите неопходни безбедносни проверки за бегалците од Авганистан
Во кабинетот на претседателот Пендаровски денеска се одржа 13-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Точки на дневен ред за кои се дискутирало биле лицата од Авганистан прифатени на нашата територија и поставеноста на системот за управување со кризи.

Како што информираат од претседателскиот кабинет, присутните констатирале дека Република Северна Македонија, како членка на НАТО, покажала подготвеност и ги понудила своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан.
„Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата“, се наведува во соопштението.
Во однос на втората точка на дневниот ред, Советот за безбедност ѝ предложил на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи.
„Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен“, се согласиле учесниците.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

