Македонија
Солуција: Длабоки системски проблеми не се решаваат со избори, туку со силен граѓански притисок
Балканскиот центар за конструктивни политики – “Солуција”, со поддршка на Европската фондација за демократија, синоќа презентираше нова граѓанска, мултиетничка и прогресивна сила што ќе се бори за една поинаква Македонија – “Замисли”.
“Замисли” е составена од граѓани, сите истакнати и докажани во својата област, млади луѓе со врвно образование, борци и активисти, дел познати, дел сосема нови за македонската јавност, а сите со заеднички став – дека политиката е преважна за да им биде оставена само на партиите.
“Замисли” ќе биде исклучиво граѓанска, непартиска иницијатива, без никакви амбиции да учествува на избори или да дојде до дел од “колачот”, но и тоа како со амбиции, волја, знаење и смелост да замисли, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни области и да се залага за нивно спроведување.
На синоќешната промоција беа презентирани дел од граѓаните вклучени во “Замисли”:
Мијалче Мики Минов; раководител на оддел за Магнетна Резонанца во Империал Колеџ, Лондон; д-р Артан Лимани, истражувач за високо образование; Антонио Јовановски, активист за животна средина; Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање; Сашо Серафимовски, театарски режисер; Леа Огњановска, докторантка по право на ЕУ и европски интеграции; Кристијан Фидановски, докторанд на социјални политики на “Оксфорд”, Рита Бехадини, новинар и д-р Борјан Ѓузелов, политиколог.
Сите тие низ своите излагања зборуваа за состојбите во нивните професионални области и порачаа дека системски решенија се можни единствено преку силен граѓански активизам.
Специјален гостин беше познатиот српски водител Зоран Кесиќ, кој самиот низ своето телевизиско шоу и одлична сатира е пример за општествено ангажиран граѓанин.
Тој порача дека ваква граѓанска иницијатива и платформа е исклучително потребна, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, каде политиката е главно сконцентрирана во партиски кругови.
Логото на “Замисли” е инспирирано од цвеќето пркос, а на него се претставени граѓани, обединети околу една идеја. Мотивот е традиционален вез и филигран, – пораката дека патриотизмот не им припаѓа на оние кои земјата ја сакаат само како плен, туку на лојалните и чесни граѓани.
Од денеска, граѓанската сила “Замисли” ќе биде отворена за сите добронамерници кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист, се вели во соопштението од Солуција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

