Македонија
Сончево време со температура до 18 степени

Времето наутро ќе биде студено. Во утринските и во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Преку денот ќе биде сончево со слаб ветер од променлив правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје претпладне со појава на слаба магла, во текот на денот претежно сончево. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне 10 степени.
В сабота во текот на денот ќе има постепено зголемување на облачноста, а од недела и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мециновиќ: Македонија е држава во која животот се купува и продава

Пратеникот од партијата Левица, Амар Мециновиќ, се обрати на вчерашната седница за Интерпелација на министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски.
„Отворено Ве прашувам на која скала ја ставате вредноста на животот во однос на другите вредносни начела? Каде е вредноста на животот во Вашиот морален компас? Мене ми се чини министре, дека Вие моралот не го користите како аргумент, туку како последна Ваша заштита. Денеска за Вас имаше стотина полицајци околу Собранието, а за младите нема одбрана. Тие не се чувствуваат одбрането, туку нападнато, запоставено и угнетено. Младите не можат да имаат ист морал со Вас, бидејќи тие прво губеа прилики, па години, сега губат пријатели, дечковци, девојки – потполно незаштитени. Се чувствуваат како да живеат во стапица во која има темпирана бомба“, рече Мециновиќ.
„Довербата во политичарите е на многу пониско ниво од довербата во судството. Вие министре, како фигура на функцијата која ја вршите, наместо да создавате чувство на безбедност кога ќе се појавите пред граѓаните – Вие создавате чувство на резигнација, сакајќи да ги одбраните поединците кои знаете дека имаат свој придонес во структурното насилство кое го чувствуваат нашите граѓани.
Лошо е што за Вас ова е сѐ уште несреќа. Ова не беше вис мајор. Ова беше крах на систем кој ни уби сограѓани! Несреќа е земјотрес, а Македонија е држава каде што животот се купува и продава“, додаде пратеникот.
Македонија
Затаиле данок од 5,5 милиони денари, кривична пријава за две лица од Струга

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против две физички и едно правно лице од Лабуништа, Струга, поради даночно затајување. Лицата со лажни фактури избегнале плаќање на данок од над пет милиони денари.
Првопријавениот Ш. У. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Друштво за производство, трговија и услуги ИНТЕРЛА увоз-извоз ДООЕЛ с.Лабуништа Струга во периодот од 07.10.2010 – 10.02.2023 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за пријавениот правен субјект во текот на 2021 година употребил влезни фактури со невистинита содржина за наводно извршена набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 36.926.920 денари со вклучен ДДВ во вкупен износ од износ од 5.632.920 денари, издадени и ставени на располагање од страна на второпријавениот А. Т. во својство на управител на правен субјект Друштво за производство, трговија и услуги РЕЛАКС САС ДООЕЛ Неготино во периодот од 29.04.2020 година до денес.
Првопријавениот Ш. У. во сметководстваната евиденција ги евидентирал влезните фактури и креирал побарување за ДДВ кое го употребил за пребивање односно намалување на обврските за ДДВ со што нанел штета на Буџетот на Република Северна Македонија по основ на ДДВ по пресметковна стапка од 15,2542% во износ од 5.632.920 денари.
Македонија
„Палењето на куќата на Пандов е обид за заплашување и замолчување, бидејќи криминалците повеќе немаат заштита од власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов и повика на итна и брза реакција од страна на институциите.
„Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат.
Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна.
Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши, за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност. Правда мора да има!“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.