Македонија
Сончево време со температура до 24 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со утринска магла по одделни котлини. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринската температура ќе се движи од 2 до 11, а дневната од 17 до 24 степени.
Во Скопје во утринските часови ќе има појава на магла, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 6, а дневната ќе достигне до 19 степени, јави УХМР.
В петок и сабота ќе има зголемена облачност со услови за локален дожд во северните и североисточните делови од земјава. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено по должина на Повардарието, а дневните температури ќе опаднат за неколку степени. Потоа во наредните денови времето ќе биде претежно стабилно со пониски утрински температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Брисел имало обид да се нанесе удар на македонскиот јазик, Мицкоски рече дека успеале да амортизираат

Премиерот Христијан Мицкоски добил вознемирувачки информации во насока на тоа дека одредени политичари од ЕУ се обидуваат да нанесат нов удар на македонскиот јазик и идентитет. Тој рече дека успеал да стапи во контакт со сите од Брисел, па успешно на некој начин бил амортизиран ударот.
„Некој повторно сакаше да нанесе удар врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен македонски јазик, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Македонија повеќе нема да молчи за вистината.
За жал, вели премиерот, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас е што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи.
„Ние се бориме да ја кажеме нашата вистина за Македонија, вистина која што ја чувствуваат граѓаните, без разлика дали е тоа во Берлин, Брисел, Лондон или Вашингтон“, додаде премиерот кој денес присуствуваше на свеченото пуштање на патниот правец Гевгелија-Богданци.
Македонија
Филипче: Во администрација се вработува само со списоци, сите останати граѓани се понижени и дискриминирани

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не само што не ја рационализираше администрацијата, туку ја претвори во продолжена рака на партиските штабови. Вработувањата се политички награди, не резултат на квалитет и труд. Ова го истакна Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
– Ветуваа ред и рационализација во администрацијата. Ветуваа мерит-систем. Што добивме? Нови министерства, илјадници нови партиски вработувања, листи за вработување по штабови кои се споделуваат на социјалните мрежи, рече Филипче.
Тој нагласи дека партизацијата на институциите е официјализирана, а партиската книшка е главна квалификација за работа во државата.
– Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам – како да е нормално, посочи Филипче.
Според него, администрацијата денес не е сервис на граѓаните, туку огледало на системот на ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ ја претвори администрацијата во огледало на нивниот систем: хаос под контрола, сервилност наместо компетентност, заклучи Филипче.
Македонија
Единаесет македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив, небото над Израел денес е затворено

По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел беа откажани. Од МНР информираат дека се очекува обновување на летовите во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од македонската амбасада во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив.
„Евакуацијата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти“, велат од МНР.
Покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација.