Македонија
Сончево време со температура до 28 степени

Времето денес ќе биде сончево и релативно топло со мала локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска слаба магла. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 23 до 28 степени.
Во Скопје сончево и релативно топло со мала облачност Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, информираат од УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на претежно сончево и топло време за овој период од годината. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска слаба магла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.
Македонија
И Фетаи го напушта Таравари: Нема враќање како ништо да не било, ДУИ ќе се соочи со вистината

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење и висок функционер на Алијансата за Албанците, Арбен Фетаи, со емотивна порака им се обрати на членовите, симпатизерите и поддржувачите на партијата, нагласувајќи дека оваа политичка структура не е само партија, туку чувар на идеал и кауза која никогаш не се предала.
„Вие што ја изградивте оваа Алијанса со труд и посветеност, дури и кога сè беше против нас. Вие што бевте прогонувани поради вашите политички убедувања и не се предадовте повеќе од 20 години. Вие што не дозволивте Алијансата да стане алатка за лични интереси“, истакна Фетаи.
Во обраќањето, тој посочи дека се доближува момент на историска одлука и дека членството и гласачите јасно бараат правда, чист пат и достоинствена иднина.
„Не можеме да живееме во минатото. Мора да ја изградиме иднината со истрајност и достоинство“, порача Фетаи, додавајќи дека не смее да се дозволи враќање на Демократската унија за интеграција (ДУИ) „како ништо да не се случило“.
„ДУИ мора да се соочи со вистините што ги избегнуваше две децении. Ова не е борба за поединец, ова е борба за достоинството на сите нас“, рече тој.
Фетаи порача дека неговиот глас е гласот на членовите и на сите оние што не се предаваат и не се продаваат:
„Ние сме гласот на патот на Арбр. А тој пат никогаш не минува преку Али Ахмети или преку некој што не ѝ го посакува доброто на нашата заедница.“
Обраќањето заврши со порака за гордост, истрајност и непокорност:
„Ви благодарам на сите. И останете горди.“