Македонија
Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност
Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во текот на работната седмица времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од четврток по котлините ќе има услови за појава на утринска магла, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скандали ја тресат и ЈПДП, партиските шерифи на Коце и ДПМНЕ не плаќаат патарина, велат од СДСМ
„Новите скандали кои ја тресат ЈПДП покажуваат дека во ДПМНЕ нема никаква промена, се враќа грубата партизација и бруталната злоупотреба на институциите. Шефот на контрола во Наплатната служба на патарините во Петровец, Миланчо Митревски, ДПМНЕ и Коце Трајановски го поставија на оваа позиција иако не ги исполнува условите поради тоа што бил фатен со бројни злоупотреби. Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе“, вели СДСМ
„Но скандалот е уште поголем затоа што кадарот на Коце и ДПМНЕ, Митревски не плаќа патарини.
За ова говорат снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи, како и електронската евиденција на патарините кои целосно потврдуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина не плаќа патарина откако е назначен.
Тоа што ДПМНЕ застана во целосна одбрана на Митревски говори дека ДПМНЕ вака ја замислува власта.
Партиските шерифи да ја злоупотребуваат позицијата, да не ги почитуваат законите и прописите, да не плаќаат патарина, со еден збор да прават што сакаат.
СДСМ повикува на итна одговорност и разрешување, потенцирајќи дека злоупотребите се показател за неспособноста на раководството на ЈПДП и Коце Трајановски“, соопшти СДСМ.
Македонија
Денеска продолжува судењето за убиството на Вања и Панче
Велешанецот Боре Видевски, еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е вратен во Истражниот затвор Скопје. Тој поради влошена здравствена состојба кон крајот на минатиот месец беше пренесен на болничко лекување.
Поради хоспитализацијата на Видевски, Основниот кривичен суд Скопје ги отповика рочиштата за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски кои беа закажани за минатата недела, информирајќи дека судењето продолжува на следниот закажан термин на 14 октомври.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа најдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Скопје
Делови од Центар, Бутел, Чучер Сандево и Кисела Вода денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
• од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од бул. Партизански Одреди, поточно објектите во околината на ТИНЕКС Маркет – Деликатес како и дел од ул. Мирослав Крлежа, (во околината на Кафе – Правда). (Општина Центар)
• од 08:30 до 11:30 часот, корисниците од улиците: Боро Менков, Лазо Москов и Гоце Стојчевски во нас. Скопје – Север. (Општина Бутел)
• од 09:00 до 11:00 часот, корисниците од викенд населбата – Голиево. (Општина Чучер Сандево)
• од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Борис Трајковски, односно подулиците со бр. 1, 7 и 9. (Општина Кисела Вода)