Македонија
Сончево и топло време, попладне со мала до умерена локална облачност

Денеска времето ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од западен и југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 29 степени.
Во Скопје, сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 26 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Когенеративни гасни електрани преку проектот на „Казанчи холдинг“ ќе го намалат загадувањето

Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарското прашање за тоа што планира инвестицијата на „Казанчи Холдинг“ Групацијата од над 1 милијарда евра и кој ќе биде бенефитот за државата, информираше дека важно е што инвестицијата ќе работи по пазарни правила и по пазарни услови. Држава ќе помогнеме во административниот дел.
„Да, тоа е отпочнување на сериозни разговори со оваа реномирана турска компанија „Казанчи Холдинг“. Целта нивна, а и наша цел заедничка, значи целта ни се поистоветува е да изградиме производни капацитети коишто истовремено ќе произведуваат и електрична енергија и топлина. Затоа што само така тие можат да бидат економски исплатливи. Тоа е когенеративен процес. Тоа се гасни електрани коишто произведуваат и топлина и електрична енергија. А топлината, оние делови од Скопје, коишто во моментот не се приклучени на централното греење, ќе можат да ја користат за затоплување на своите домови. Зошто? Затоа што, сите анализи велат дека, најголемата причина, зошто имаме загадување е за жал системот на затоплување на домовите, односно користење на дрва и други типови на фосилни горива или отпад, со што, морам да признам и да заклучам, се загадува животната средина. Не сакам ова да се сфати дека критикувам. Напротив, луѓето немаат избор. Кога луѓето би имале избор, тогаш би било полесно. Но, бидејќи тие немаат избор, никоја Влада претходна не им овозможила избор, тие мораат да ги затоплат своите домови во периодот кога тоа е потребно и се снаоѓаат. И таквото снаоѓање резултира со голема емисија на ПМ2.5 и ПМ10 честички, со што имаме енормно високо ниво на загадување не само во Скопје, туку и во градовите ширум државата. Ова е единствениот начин како можеме ние да го решиме на долг рок, одржлив рок загадувањето, но истовремено и да им понудиме на домаќинствата алтернатива за затоплување на нивните домови. Ќе треба време, периодот е од три до пет години, моја група проценка, но важно е да почнеме. Ако ова се почнало порано, сега ќе било сè поинаку. Но, не се почнало, ние почнуваме. Рековме дека ќе го решиме и почнуваме да го решаваме проблемот. Магионичари не сме, магија тука нема. Ова е инженерски технолошки процес и ќе треба време од три до пет години. Ова е само почеток. Одиме град по град и ќе се обидуваме ваков тип на проекти во секоја од општините, онаму каде што нема организирано централно затоплување, да обезбедуваме, се разбира, да наоѓаме компании кои ќе инвестираат“, објасни Мицкоски.
Премиерот напомена дека ќе нема субвенции надвор од законските и потсети дека во минатото на поедини инвеститори им се даваа енормни повластувања. Се осврна и на тоа дека целта на Владата е да обезбеди затоплување на домовите, онаму каде што е потребно и намалување на емисијата на штетни честички.
„И на крај, да потенцирам, нема никакви субвенции надвор од законските. Нема гарантирани цени, нема гарантирани договори за откуп, нема повластени цени, нема повластени инвеститори, нема стратешки инвеститори итн. Сè се темели на пазарните услови и тоа е главната парадигма зошто влегуваме во овие процеси. Нема како принципот како досега, односно во минатото како што беше, да на поедини инвеститори им се даваат енормни повластувања, да тие бидат ослободувани од разноразни давачки, да државата субвенционира, обезбедува загарантиран откуп итн. Ова е чисто инвестиција којашто ќе работи на пазарни правила и на пазарни услови. Да, ние како држава ќе помогнеме во административниот дел, сè што треба, а е поврзано со државата, согласно законот, ние ќе го помогнеме како процес, ќе го забрзаме итн. Затоа што наша цел е да обезбедиме затоплување на домовите онаму каде што тоа е потребно и намалување на емисијата на штетни честички ПМ2.5 и ПМ10“, изјави премиерот.
Скопје
Висар Ганиу ја промовира поврзувачката порта меѓу Бит-пазар и Старата чаршија

Денес, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, официјално ја промовираше Поврзувачката Порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија, проект со големо значење за урбаниот и културниот идентитет на градот.
„Овој современ конструкциски објект, изработен од челик и стакло, претставува функционален и естетски влез, кој создава природна врска меѓу двата најзначајни трговски простори во градот. Покрај заштитата од атмосферските влијанија, оваа инвестиција го збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар“, посочи Ганиу.
Градоначалникот Ганиу ја истакна важноста на овој проект како симбол на спојот меѓу традицијата и модерното, кој ја подобрува инфраструктурата и искуството на граѓаните и посетителите.
„Општина Чаир останува посветена на урбаниот развој и зачувувањето на културното наследство, градејќи поубав и пофункционален град за сите граѓани“, истакна Ганиу.
Македонија
Ме обвинуваа дека сум анти-Америка, а сега им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на Трамп, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека СДСМ немаат кридибилитет да зборуваат за надворешната политика, по понижувањата на коишто ја изложија државата.
Коментирајќи ги обвинувањата на СДСМ за резолуцијата на САД во Обединетите Нации за Украина, каде Македонија беше коспонзор, Мицкоски потсети на обвинувањата во минатото дека бил анти-НАТО, анти-Америка, проруски настроен, а сега, вели, им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на претседателот Трамп.
„Овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп. (…) Бевме коспонзори, да, и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се стандардни, но, и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржааа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени повеќе амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, а еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано“, рече Мицкоски.
Додааде и дека жали што политиката од оптика на топли песочни плажи и оптика тука од Македонија не е иста, па можеби, како што рече, некои од опозициските лидери се уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила, се уште неразбудени дека се опозиција и долго ќе бидат опозиција.
Претходно денес, претседателот на СДСМ, Венко Филипче оцени дека конфузна, импровизирана и без компас е надворешната политика што Владата ја води по последните случувања во Обединетите нации поврзани со резолуциите за Украина. На денешната прес-конференција, тој истакна дека Владата го напушта курсот на Европската Унија и нејзините земји членки и со нејзиното неконзистентно однесување во надворешната политика делува како залутан играч на меѓународната сцена. Според Филипче, многу помудро ќе беше земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон Соединетите Американски Држави.