Македонија
Сончево и топло време со локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информира УХМР.
Утринската температура ќе се движи од 12 до 18 степени, а дневната од 27 до 35 степени. УВ-индексот ќе биде 8.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе се движи од 16 до 33 степени.
Од утре ќе преовладува стабилно и многу топло време со температури кои на повеќе места ќе надминат 35 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Жената во Гостиварско била застрелана пред да биде закопана во дупка, покажа обдукцијата
Завршена е обдукцијата на 53-годишната жена која беше пронајдена почината во атарот на гостиварското село Неготино. Според првичниот наод, таа била убиена со огнено оружје, соопшти Јавното обвинителство.
По наредба на јавен обвинител, во тек е вештачење на трагите подигнати од неколку локации, а паралелно се вршат претреси и се преземаат други истражни дејствија поврзани со случајот.
Краткотрајниот притвор за осомничениот е продолжен за уште 48 часа, додека јавниот обвинител до надлежниот суд предложил определување 48-часовен притвор и за неговата сопруга, којашто вчера беше задржана во полициска станица.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расветлување на настанот.
Вчера, во атарот на гостиварското село Неготино, беше пронајдено телото на 53-годишната Х. А., закопано во дупка. За убиството е осомничен 53-годишниот С.М. од истото село, кој, според Министерството за внатрешни работи, претходно дал лажен исказ во полициска станица. Неговата сопруга признала дека тој го извршил убиството и на полицијата ѝ го посочила местото каде што телото било закопано.
Хронолошки, жртвата, на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син. Подоцна на безбедносните камери тој забележал дека два претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот телефон. Синот во полиција пријавил и дека на безбедносните камери забележал оти ноќта помеѓу 6 и 7 декември сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и дека одзел пари од неговата соба. Пред два дена, рано утрото, во 2:15 часот, С. М. бил приведен поради сомнение дека ја принудил убиената Х. А. да замине од домот со него. Тогаш, во полицијата дал лажен исказ, а од добиениот листинг на повици било утврдено дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 7 декември. Завчера приведена била и неговата сопруга, која во полициска станица, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде потоа била закопана.
Македонија
Македонија воздржана за резолуцијата на ОН за обврските на Израел
Македонија гласаше воздржано на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата што се однесува на обврските на Израел согласно меѓународното право, вклучително и обезбедувањето хуманитарна помош и основни услуги за палестинското цивилно население.
Резолуцијата беше усвоена со 139 гласа „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“.

Со документот се бара од Израел целосно да ги исполни обврските што произлегуваат од меѓународното право, меѓу кои се почитување на одлуките на Меѓународниот суд на правдата, управување со територијата во интерес на локалното население и соработка со Обединетите нации во добра намера.
Посебен акцент во резолуцијата е ставен на повикот Израел веднаш да овозможи и олесни испорака на хуманитарна помош и основни услуги неопходни за спасување животи на палестинските цивили, вклучително и помошта што ја обезбедуваат Обединетите нации, нивните агенции, други меѓународни организации и држави.
За време на дебатата, израелскиот претставник остро ја критикуваше нацрт-резолуцијата, оценувајќи ја како еднострана и погрешна. Тој изјави дека ваквиот пристап не придонесува за мир, ниту, како што рече, ја одразува реалната состојба на терен, додавајќи дека Израел не може да продолжи соработка со организации што ги смета за пристрасни.
Германија и Русија беа меѓу земјите што гласаа „за“ резолуцијата. Покрај Македонија, воздржани беа и Хрватска, Бугарија, Чешка, Словачка, Албанија, Грузија, Србија и Украина, додека Унгарија гласаше „против“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски ја загрозил безбедноста на граѓаните, автобусот на „Беса Транс“ имал технички преглед во станицата во Сарај
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека наместо да ја штити безбедноста на граѓаните, ја загрозил, посочувајќи дека станицата за технички преглед во Сарај, за која постоел извештај со утврдени нерегуларности, продолжила да работи и остварила незаконски профит.
Според соопштението, Спасовски не ги презел мерките што бил должен да ги преземе и не ѝ го одзел овластувањето на станицата во законскиот рок, иако постоел официјален извештај за неправилности. Наместо навремена реакција, се наведува дека биле потребни три месеци, во кои фирмата, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, остварила незаконски профит од 5,5 милиони денари, односно околу 90.000 евра.
Од партијата нагласуваат дека автобусот на „Беса Транс“, кој бил вклучен во сообраќајната несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, имал извршен технички преглед токму во оваа станица во Сарај. Според соопштението, лиценцата на станицата била одземена три дена по трагедијата.
Во реакцијата се поставуваат прашања дали трагедијата можела да биде спречена доколку Спасовски реагирал навреме, дали постоел некаков договор со фирмата поради кој законската постапка била игнорирана и дали одземањето на лиценцата било направено поради чувство на вина по несреќата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека вакви, како што наведуваат, тешки институционални пропусти не смеат да се повторуваат и побара правда и одговорност за, како што велат, загрозувањето на безбедноста на граѓаните.

