Македонија
Сончево со мала до умерена облачност
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне претежно во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степени. UV=6
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во следните денови времето ќе биде повремено нестабилно, но и понатаму со сончеви периоди и топло. Во вторник претежно во северните делови и в среда од пладневните часови ќе има појава на краткотраен пороен дожд проследен со грмежи и краткотрајно засилен ветер, некаде со поинтензивни процеси. Утринската температура во поголемиот дел од населените места нема многу да се менува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Македонија
(Видео) Жената во Гостиварско била застрелана пред да биде закопана во дупка, покажа обдукцијата
Завршена е обдукцијата на 53-годишната жена која беше пронајдена почината во атарот на гостиварското село Неготино. Според првичниот наод, таа била убиена со огнено оружје, соопшти Јавното обвинителство.
По наредба на јавен обвинител, во тек е вештачење на трагите подигнати од неколку локации, а паралелно се вршат претреси и се преземаат други истражни дејствија поврзани со случајот.
Краткотрајниот притвор за осомничениот е продолжен за уште 48 часа, додека јавниот обвинител до надлежниот суд предложил определување 48-часовен притвор и за неговата сопруга, којашто вчера беше задржана во полициска станица.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расветлување на настанот.
Вчера, во атарот на гостиварското село Неготино, беше пронајдено телото на 53-годишната Х. А., закопано во дупка. За убиството е осомничен 53-годишниот С.М. од истото село, кој, според Министерството за внатрешни работи, претходно дал лажен исказ во полициска станица. Неговата сопруга признала дека тој го извршил убиството и на полицијата ѝ го посочила местото каде што телото било закопано.
Хронолошки, жртвата, на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син. Подоцна на безбедносните камери тој забележал дека два претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот телефон. Синот во полиција пријавил и дека на безбедносните камери забележал оти ноќта помеѓу 6 и 7 декември сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и дека одзел пари од неговата соба. Пред два дена, рано утрото, во 2:15 часот, С. М. бил приведен поради сомнение дека ја принудил убиената Х. А. да замине од домот со него. Тогаш, во полицијата дал лажен исказ, а од добиениот листинг на повици било утврдено дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 7 декември. Завчера приведена била и неговата сопруга, која во полициска станица, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде потоа била закопана.

