Македонија
Сончево со температура до 15 степени, утре дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од променлив правец.Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Утре под влијание на нов влажен бран ќе има врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. Потоа следува период на стабилно и суво време со пораст на дневните температури, кои од недела и во првите денови од следната седмица на места ќе го надминат 20-от степен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија мора да биде подготвена како Исланд за членство, а ЕУ да биде искрена и брза во поддршката, ѝ порача Кос на Зајкова

„Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми“, беше пораката на претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, утрово во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.
Зајкова и Кос разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Во разговорот Зајкова истакна дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген.
На средбата беше договорена и скорешна официјална посета на Брисел на претседателката на ЛДП, Зајкова, која е воедно и претседателка на либералите од југоисточна Европа – ЛИБСЕН. Во пријателски позитивниот разговор беше постигната заедничка согласност дека кредибилна европска перспектива за Западен Балкан е клучна за стабилност и развој на регионот.
Зајкова уште еднаш се заблагодари на ЕУ за итната реакција по трагедијата во Кочани, посочувајќи ја вклученоста на Македонија во Европскиот систем за справување со кризи како одличен пример дека целосната европска интеграција има огромно значење за секојдневниот живот на македонските граѓани.
Македонија
Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани кој се лекуваше во Белград

Министерството за здравство информира дека согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне, за жал, подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.
Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец.
Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад.
Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.
Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.
Македонија
Осомничениот полицаец за пожарот во Кочани по кој се трагаше сам се пријавил во Обвинителството

Полицаецот по кој се трагаше утрово сам се пријавил во Обвинителството. Тој е меѓу 10-те полициски службеници, кои од завчера се опфатени со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Утринава се пријави и сега е пред судија на претходна постапка“, информираат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека во истрагата за пожарот се опфатени 10 полициски службеници. Шестмина добија мерки за претпазливост, а тројца од осомничените се претходно обезбедени.